Собранието ги утврди 37 и 38 амандман на Уставот, расправата по 39-тиот продолжува попладне

Од:

Македонското Собрание денеска во рамки на 30. седница го утврди 37. амандман на Уставот на Република Македонија со кој се предлага фиксно да се утврди дека дефицитот на Буџетот не смее да надмине ниво од 3 отсто од бруто домашниот производ, а јавниот долг не смее да надмине ниво од 60 отсто од бруто домашниот производ.

Со оваа иницијатива, треба да се гарантира фискалната дисциплина и стабилност во државата, но и ќе придонесе за транспарентност за користењето на буџетските средства, а што како решенија го имаат повеќе европски држави. Отстапување од фискалните правила, со предложеното решение се предвидува само во исклучителни ситуации кои ги утврдува Собранието со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Воведувањето на фискалните правила ќе биде во функција на подигнување на финансиската одговорност и дисциплина на носителите на економските политики во државата.

Пратениците го утврдија и амандманот 38 на македонскиот Устав со кој се предвидува од составот на Судскиот совет да се изземат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд кои според постојното уставно решение се членови по функција.

Овој амандман е во насока на зголемување на бројот на членовите на Советот од редот на судиите кои тие сами ги избираат, а што е во согласност со меѓународните стандарди за независност на судството и со искуствата од повеќе држави.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски смета дека ова е еден од амандманите со најголемо значење и оти тој тангира сегмент од функционирање на системот на власта кое е од големо зачење за сите граѓани.

Ваквата измена на Уставот, рече Димовски, е нешто што се дискутира повеќе од 11 години. Уште од 2005 година, според него, став на Венецијанската комисија бил да се отстранат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд од Судскиот совет, што исто така било барање и на ВМРО-ДПМНЕ. Но, како што појасни, тогашното владејачко мнозинство иако се носеле уставни измени за судскиот совет, одлучило да ги остави и министерот и претседателот на Врховниот суд да бидат членови на Советот со целосни надлежности.

– Измената која сега се предлага и се носи е доказ дека оваа политичка власт и мнозинство има чувство да ги прифати забелешките и сугестиите кои се конструктивни и ќе овозможат подобро функционирање на одредени сегменти и оти е козистентна на своите ставови во последните 11 години, рече Димовски.

Поддршка на амандманот даде и Демократската унија за интеграција, бидејќи тој, како што рече пратеничката Ермира Мехмети затоа што партијата смета дека Република Македонија се уште има потреба да работи и да се ангажира за зајакнување на карактерот на судството како трета независна власт.

Македонското Собрание ја почна расправата и по амандманот 39 на Уставот на Република Мкаедонија со кој се воведуваат две важни новини во надлежноста на Уставниот суд – уставната жалба и Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на РМ за избор и разрешување на судии и на оние на кои им е изречена дисциплинска санкција, исто така да одлучува по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители.

Уставна жалба имаат воведено повеќе европски земји, меѓу кои и од поранешна Југославија. Ќе биде уредена постапката за поднесување уставна жалба која ќе може да ја поднесат физички и правни лица на кои им се повредени слободи и права и ќе биде утврден рокот за поднесување на жалбата.

Со новиот правен инструмент треба да се обезбеди повисок степен на правна заштита на слободите и правата на граѓаните кога тие им се повредени со поединечни акти или дејствија на државни органи, единици на локалната самоуправа или носители на јавни овластувања.

Бидејќи предвидува Уставниот суд да одлучува и по жалби на одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители за прашања во врска со изборот, разрешувањето или други дисциплински санкции, ќе биде обезбеден и повисок степен на заштита на судиите и јавните обвинители.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, идејата на овој амандман е да се создаде еден ефикасен домашен правен лек кој, како што рече, ќе ги заменува или ќе биде претходна можност пред граќаните да се одлучат да поднесат тужби во Судот за човекови права во Стразбур.

Оваа измена, рече, тој, треба да дадде да позитивни ефекти – првиот би била можноста гражаните побрзо да доаѓаат до правдата и вториот би било тоа што тоа доаѓање до правдата би било подостапно и поефтино.

Расправата и гласањето за утврдување на 39. амандман продолжува по редовната пауза.

Би можело да ве интересира

Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, проследен на натамошна постапка во Собранието

Верификувани мандататите на новите пратеници

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

Критики за програмата и кадровските решенија од опозицијата, прва половина од собраниската седница за избор на новата влада

Мицкоски: Државата е во клиничка смрт, институциите се доведени пред пропаст

Собраниска седница за избор на новата влада