Северна Македонија денеска одбележува 28 години од независноста. По тој повод традиционално во Собранието ќе бидат врачени наградите „8 Септември“, а во Градскиот парк ќе се одржи прослава во организација на Владата.
На приемот во Собранието ќе им бидат врачени осмосептемвриските награди на Томе Коцев, доајен во борење, Слободан Николиќ, еден од најтрофените спортски доктори, Атанас Николовски, еден од најдобрите македонски кајакари, Кочо Димитровски, македонска фудбалска легенда и Драган Стојановски, претседател на Карате федерацијата кој ќе ја добие наградата за животно дело.
Под мотото „Боите на независноста“ на прославата кај Школка во Градскиот парк ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а најавена е и богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, групата „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.
Граѓаните ќе уживаат во традиционалната храна, ќе учествуваат во спортски активности и ќе имаат можност да ја видат изложбата подготвена од деца од малите групни домови. На посебен штанд на Министерството за здравство, граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед. Припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе изведат показни вежби.
Од Владата ги повикаа граѓаните сите заедно во Градскиот парк да ја прослават 28-годишнината од осамостојувањето.
Одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.
Вчера, по повод Денот на независноста, во касарната „Илинден“ беа истрелани 10 плотуни од страна на единицата на артилерискиот баталјон на Армијата.