Со почит за жртвите, борците и хероите во Прилеп одбележан 11. Октомври

Од:

По повод 74 годишнината од почетокот на народното востание, изутрината делегации на Собранието на Република Македонија, АРМ, Владата, Сојузот на борците, локалната самоуправа, поллитички партии, здруженија и граѓани ги посетија Паркот на Револуцијата, Могилата на непобедените, Алејата на народните херои, споменикот на жената-борец, положија цвеќиња и се поколнија пред моштите на жртвите што ги дал Прилеп во Народната револуција и антифашистичката борба.

Со почит за борците, хероите и жртвите, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески нагласи дека на овој светол ден од македонската национална историја гордост е да се биде пилепчанец, зашто од Прилеп почна ослободителното востание, а заветот на борците од НОБ е наш аманет.

– Гордост е да се биде прилепчанец и Македонец на овој светол ден, зашто токму на 11 октомври пред 74 години пукна првата пушка, почна антифашистичката борба. Прилеп беше прогласен за град херој со најмногу народни херои и загинати во оваа антифашистичка револуција. Борбата на сегашните и идни генерации продолжува да ги претвориме Македонија и Прилеп во попросперитетни со нови инвестиции со подобар живот за сите граѓани. Македонија да биде дел од европското семејство, изјави Ристески.

Илија Велкоски од Сојузот на борците потсети дека Прилеп дал 650 жртви и 15 народни херои како ниеден град и беше срцето на народната револуција.

– За време на револуцијата 1941- 1945 година, Македонија даде преку 25.000 жртви, што значи скапо ја плати сопствената слобода. Прилеп е носител на Револуцијата со над 8.000 директни учесници, што значи од секоја куќа имаше по еден учесник во НОБ, градот даде 650 жртви, 141 носител на партизанска споменица од 1941 година и 15 народни херои што ниеден град од екс Југославија го нема тоа. Прилеп го даде срцето на револуцијата, рече Велкоски.

За министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, кој ја предводеше владината делегација, Македонија по вековни борби, по народното востание од 1941-та стигна до своја држава.

– Ми претставува голема чест што денес ја предводев владината делегација за оддавање почит на паднатите борци кои ги удрија темелите на денешна Македонија. Драго ми е што по вековни борби успеавме да направиме држава, треба да продолжиме да се бориме да ја зачуваме оваа држава, да ја направиме просперитетна и да биде дел од Европа и НАТО, изјави Цветков.

Делегациите им оддадоа почит и положија цвеќе и пред спомениците на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто и на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски – Питу во центарот на градот.

Со програма на плоштадот „Александрија“, со импровизиран напад на градот и богат огномет, синоќа Прилеп потсети на историските настани 41- та кога со нападот на тогашниот Участак, денес меморијален музеј „11 Октомври“ почна народното востание и четиригодишната народноослободителна војна.

По повод празникот денеска ќе се одиграат и повеќе спортски натпревари, а вечер во Домот на културата завршува и интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички“.

Би можело да ве интересира

Ден на народното востание – 11 Октомври

Катерина Ѓуровски

Објавени добитници на државната награда „11 Октомври“

Претседателот Пендаровски и делегации од Кабинетот положија цвеќе по повод 11 Октомври

Ковачевски: Прогресот е одраз на непокорот, со мудри одлуки да се справиме со антиевропската агенда

На композиторот Љупчо Константинов ќе му биде врачена наградата „11 Октомври“

Прилеп го чествува 11 Октомври