Со измените на Законот за здравствена заштита реформи на здравствениот систем

Од:

Реформи на повеќе клучни аспекти на здравствениот систем, со крајна цел сериозно унапредување на функционирањето на системот, зголемување на квалитетот на здравствената услуга, зголемување и зајакнување на одговорноста на директорите на јавните здравствени установи и давање алатки во рацете на пациентите со кои ќе се зголеми нивното влијание во насока на почитување на нивните права и подобро функционирање на здравствениот систем.

Ова се предвидува во најновите измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита кои поминаа на последната седница на Владата, кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров. Законските измени во претстојниот период ќе бидат ставени на јавна дебата.

– Се создава можност и се дава право на секој пациент кој нема да биде прегледан во терминот закажан преку „Мој термин“ кај доктор специјалист или супспецијалист или ќе биде прегледан со задоцнување за кое не постојат објективни и оправдани причини да достави известување во писмена форма или усно на записник до раководителот на одделот, одделението или отсекот и/или до директорот истиот ден, а најдоцна следниот ден, рече Тодоров.

Докторот специјалист, односно супспецијалист, посочи министерот, има право да го одложи почетокот на закажаниот преглед, односно интервенција најмногу за 15 минути од терминот закажан преку „Мој термин“, а има право да го одложи и за повеќе од 15 минути доколку за тоа постојат објективни и оправдани причини, како што се прием на итен случај, привремена спреченост за работа поради болест и повреда на здравствениот работник, неисправност на медицинската опрема, прекин на дистрибуција на електрична енергија, прекин на интернет врска…

– Директорот е должен да обезбеди и известување на пациентите во усна форма преку определување лице вработено во ЈЗУ кое ќе биде должно постојано да биде присутно во чекалната, во услови кога има ваков прекин и на сите пациенти во лична и непосредна комуникација да им ги соопшти и образложи причините за немањето можност прегледот да биде извршен во терминот, како и да им закаже нов термин преку „Мој термин“ доколку прегледот, односно интервенцијата не била извршена, истакна Тодоров.

Појасни дека во тој случај директорот е должен да испрати известување преку „Мој термин“ за причините за неизвршување на прегледот во терминот закажан преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции, односно за причините за започнување на прегледот, односно интервенцијата со задоцнување и временскиот период во кој постоеле овие причини, за новите термини закажани поради неизвршување на прегледот во терминот закажан преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции…

– Доколку сето ова не е испочитувано, пациентот има право да достави известување во писмена форма или усно на записник до раководителот на оддел, отсек или одделение и/или до директорот. Директорот е должен да обезбеди доволен број ваков тип обрасци и да ги постави во влезниот дел на здравствената установа. Врз основа на ова известување директорот во рок од три дена формира комисија за водење дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап против докторот специјалист, односно супспецијалист, кој нема да го изврши прегледот во закажаниот термин или да го почне прегледот со задоцнување без објективни и оправдани причини, рече Тодоров.

Директорот во рок од 15 дена, нагласи министерот, има обврска да почне постапка, а какво решение да се донесе во постапката да го достави до пациентот, кој има право да достави претставка до Министерството доколку во овие рокови не добие известување за формирање комисија за водење дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добие решение за изрекување дисциплинска мерка за дисциплински престап. Тој потенцира дека во овој случај министерот за здравство за директорот ќе определи договорна казна во висина од 200 евра во денарска противвредност.

– Со оваа и уште неколку измени сакаме да ја сузбиеме појавата за која пред еден месец ја информиравме јавноста дека одреден број доктори доцнеле три пати или повеќе од три пати месечно подолго од 1 час на првиот закажан преглед во денот што негативно се одразува врз пациентите кои се оставени да чекаат и врз ефикасноста на работа на докторот. Воедно, ваквата појава се одразува и врз скратување на времето за амбулантски прегледи, односно редуцирање на бројот на термини наменети за амбулантски прегледи кај конкретниот доктор. Министерството за здравство ова го увиде со анализа на податоците од системот „Мој термин“, рече Тодоров.

Посочи дека со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита се предвидува Министерството за здравство да воспостави и води Централен систем за електронска евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите во јавните здравствени установи.

Централниот систем, истакна тој, е замислен како електронски информациски систем кој овозможува евиденција за доаѓање и заминување од работното место на вработените во јавните здравствени установи, како и евиденција на нивното присуство во просториите на ЈЗУ, а особено во амбуланта, операциска сала, одделение/стационар или во просторија за вршење на интервенции или дијагностички постапки преку проверување на личниот идентитет на вработените во ЈЗУ со користење скенер со биометриски сензор поставен во објектите во кои се сместени ЈЗУ.

– Централниот систем ќе ги содржи личните податоци на вработените во ЈЗУ, нивните биометриски податоци потребни за потврда на нивниот идентитетот и податоци за просториите во објектите каде што се сместени ЈЗУ. На овој начин ќе се води прецизна евиденција на времето на доаѓање и заминување од работното место на секој еден здравствен работник, а исто така во секое време од денот ќе може преку системот за евиденција да се следи точно во која просторија се наоѓа (амбуланта, операциона сала…) и да се детектира, на пример, дали во времето на закажани термини за амбулантски прегледи докторот се наоѓа во ординацијата. Ова е систем кој се користи во сите доброорганизирани земји во Европа и во светот, нагласи Тодоров.

Се предвидува Министерството за здравство да врши контрола на електронската листа на закажани прегледи и интервенции од страна на овластени лица за контрола (дали докторот е дојден на време во амбулантата каде се извршуваат специјалистичките прегледи, дали прегледот на пациентот е почнат навреме и кои се причините ако не е почнат навреме). Овластените лица за контрола ќе ja проверуваат и електронската листа на закажани прегледи и интервенции и тоа дали има одредено посебен временски интервал за контролни прегледи, дали пациентите за контрола се примаат во термините кои се наменети за контролни прегледи, дали специјалистот креира упати за контроли над 30 дена, дали заведува контролен преглед до 30 дена, дали има дефинирано време за прием за тековен/нареден месец и сл.

– Со законските измени докторот специјалист, односно супспецијалист е должен да издава интерспецијалистички, специјалистичко-супспецијалистички упат, упат за радиодијагностика и упат за лабораториски услуги за пациентите што тој ги прегледал, односно врз кои извршил интервенција, за дополнителни специјалистичко-консултативни услуги преку електронската листа на закажани прегледи и интервенции, доколку се потребни дополнителни испитувања заради поставување на дијагноза и лекување на болестите и повредите и рехабилитација. Секој здравствен работник кој врши хируршки интервенции е должен да определи термини за вршење на хируршки интервенции кои не се итни и кои ги запишува во календарот на активности, истакна Тодоров.

Потенцира дека сите мерки се насочени кон подигнување на квалитетот на управување со здравствените установи, како и подобро организирање на работата. Со законските измени во секоја установа во која се вршат хируршки интервенции ќе биде воведена таканаречена оперативна програма, односно утврден распоред на пациенти врз кои треба да биде извршена хируршка интервенција. Со законските измени се бара доследно почитување на протоколот за безбедна хирургија.

– Во делот на хоспиталната култура, предвидуваме можност пациентот или членовите на семејството, да изразат незадоволство доколку здравствените работници не ги почитуваат принципите и правилата на однесување и работење согласно Протоколот за хоспитална култура. При тоа, пациентот има право да поднесе претставка до директорот на ЈЗУ во писмена форма или усно на записник, по што задолжително се одржува состанок со подносителот на претставката, заради анализа на податоците и околностите. И во овој случај, директорот формира комисија за водење на дисциплинска постапка…, рече Тодоров.

Појасни дека пациентите имаат можност да се обратат до Министерството за здравство со доставување претставка, доколку во овие рокови не добијат соодветен одговор од здравствената установа, односно доколку не добијат известување за формирање на комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добијат решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап.

Казна во висина од 200 евра во денарска противвредност ќе биде определена за директорот ако во наведените рокови подносителот на претставката не добие известување за формирање на комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добие решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап против здравствен работник, односно здравствен соработник кој е дисциплински одговорен.

– Директорот ќе биде разрешен ако два пати последователно или три пати во текот на една година, до него била доставена претставка со која пациентот го изразува своето незадоволство поради неприменување и непочитување од страна на здравствените работници и соработници на принципите и правилата на однесување и работење утврдени со протоколот за хоспитална култура, но тој не формирал комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, ниту донел решение за изрекување на дисциплинска мерка. Во тој случај министерот е должен да го разреши во рок од 15 дена од дознавањето на основот за разрешување. Ако не го разреши, министерот ќе плати глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност, истакна Тодоров.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски