Снопче бара од Гаши пред Нова Година да ги распише повторните избори во четирите општини

Од:

Претседателот на Собранието Африм Гаши да покаже институционална независност и пред Нова Година да ги распише повторните избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Жупа, во законскиот рок, за тие да завршат до крајот на декември и да им се овозможи и на иселениците да гласаат, побара денеска пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче.

Тој реагираше по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК), нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторните избори во четирите општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите. Според Снопче, од овој датум почнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.

Пратеникот изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со Владата, со цел, како што нагласи, да се избегне периодот кога иселениците се во земјава.

-ДИК вчера ги објави конечните резултати од локалните избори со што почна да тече и рокот од 60 дена во кој треба да се одржат повторните избори во четирите општини, но, тоа значи дека последниот ден за одржување на изборите е 11 јануари. Зошто Комисијата чекаше до вчера и зошто резултатите за овие општини не ги објави порано како во 2021 година кога ја извести Владата само шест дена по завршувањето на првиот круг, без да го чека завршувањето и на вториот круг во останатите општини? Дали ваквото одложување беше намерно и координирано со Владата за да се избегне гласање во период кога иселениците се присутни во своите родни места? Со овој законски рок очигледно намерата е изборите да се одржат на 11 јануари – само неколку дена по заминување на иселениците. Треба да се направи јасна разлика меѓу заклучокот за објавување на конечните изборни резултати и заклучокот за завршување на изборниот процес. Врз основа на заклучокот за конечните резултати, законскиот рок од 60 дена за спроведување на изборите во општините каде не е постигнат цензус почнува да тече од 29 октомври, датум на кој е донесен заклучокот за објавување на резултатите од првиот круг и е утврдено дека во четири општини не е постигнат цензус. Ова е идентично со применатата практика во 2021 година. Тврдењата дека рокот треба да се пресметува од датумот на заклучокот за завршување на изборите немаат законска основа. Оттаму, датумот за одржување на изборите во Гостивар и во трите други општини треба да биде најдоцна до крајот на декември за изборите да завршат во рамки на законскиот рок. Законот предвидува рокот од 60 дена да се смета од денот на објавување на конечните резултати, а не од денот на завршување на изборниот процес, рече Снопче.

Пратеникот на Алијансата за Албанците посочи и правна дилема во врска со член 132 од Изборниот закон, според кој, доколку не се постигне цензус, изборниот процес се повторува. Според него, овој член треба да се толкува така што повторувањето на изборите треба да се одвива со истите кандидати, а не со нови, за да се избегне нееднаквост и непотребни одложувања.

-Доколку се дозволи пријавување на нови кандидати, процесот ќе стане нееднаков и практично невозможно е да се организира во рок од 60 дена. Само повторувањето со истите кандидати има правна и административна логика, изјави Снопче.

Тој побара институциите да покажат одговорност и почит кон Законот и дијаспората, со што, подвлече, изборниот процес ќе се заврши во законскиот рок и без намерни одложувања.

Одговорајќи на новинарски прашања Снопче најави дека остануваат во коалицијата НАИ во повторните избори во четирите општини, како и дека ќе имаат заеднички кандидат. Негов став е дека изборите треба да се повторат со претходните, веќе промовирани кандидати.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата согласно закон ќе именува повереници во општините каде изборите беа неуспешни

ЛДП: Поверениците во четирите општини да не можат да се кандидираат за градоначалници на повторените избори

Јакимовски: ВМРО-ДПМНЕ во Карпош не победивте! Силувавте! Карпош го украдовте

ДИК ги објави конечните резултати за Скопе и 29 општини

Катерина Ѓуровски

Хаким Рамадани поднел приговори за вториот круг од изборите во Брвеница

Катерина Ѓуровски

Предлог – буџетот за 2026 година на пленарна седница на 9 декември

Катерина Ѓуровски