Третата камера од диското „Привилиџ“ ги снимило сите удари кои обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски му ги задале на ракометарот Денис Тот. „А1он“ веќе објави реконструкција на настанот, со сѐ што претстоело критичната вечер. Во диското влегле Анџело и Клементина. Го нема Андреј. По неколку секунди, влегол и Тот.
Снимките од диското кои траеја десетина минути, ги гледаа тројцата обвинети. Почнува со поздравување помеѓу Анџело и Тот, влегување во такси, расправија, продолжува со туркање, потоа следуваат ударите и клоцање. Откако Тот паѓа во бесознание, дел од обвинетите, но и непознати лица се обидуваат да му помогнат.
Оваа снимка, во судницата ја гледаа и родителите на Клементина и Андреј, како и роднини на Анџело. Немаше коментари од никого се додека снимката не заврши. Единствено, Андреј, третоосомничен, за кого обвинителката кажа дека задал еден удар кон Тот, имаше емотивна реакција и насолзени очи.
Откако заврши прегледот на првата снимка, во судницата Анџело спореше дали двапати или еднаш го удрил сега починатиот Тот. Според обвинителката, тој го удрил Тот двапати, а еднаш го промашил во обид да му зададе трет удар.
„Мислам дека со левата рака го промашувам скроз“, рече Анџело, а судечката порота изреагира: „Јасно се гледа, десна, па лева“ алудирајќи дека имало два удари.
Во судницата беше пуштена и втората снимка од видео надзорот на дискотеката.
„Се забележува како луѓе од дискотеката заминуваат“, констатираше обвинителката објаснувајќи ја снимката.
Додека вработените во „Привилиџ“ заминуваат, Анџело го држи Тот за главата. Се уште нема стигнато амбулантно возило. Во еден момент, Андреј и Анџело го преместуваат телото на Тот до место обележано за паркирање возила. Андреј се повлекува, а Анџело паѓа сосе телото“
„Тука сакавме да го потпреме на ѕидчето“, искоментира Анџело во судницата.
Двете снимки од судницата траат по 5 минути. Во просек, девет минути по повикот на Брзата помош, доаѓа помошта.
На оваа снимка, адвокатот Бојан Василевски, застапник на обвинетата Клементина имаше забелешка во објаснувањето на видеото.
„Не внесовте дека обвинетата клекнува и се држи за лицето“, кажа адвокатот, а обвинителката го дополни тоа во судскиот записник: „Таа се движеше лево, десно, па се фати за главата со десната рака, па се движи лево-десно, со десната рака ја фати косата, се наведнува и со раката се потпира во пределот на устата“.
На снимката од градските камери „Безбеден град“ се гледа целиот настан, без прекини. Овде се гледа истото што и на снимката од видео надзорот на дискотеката. Единствено различно е што се гледа и целата интервенција на Брзата помош.
„Излегуваат две лица од Брзата помош, заедно со трето лице од задната врата. Доаѓаат кај оштетениот, разговараат со обвинетиот Анџело и сведокот Рената, додека Клементина седи на ѕидот, а обвинетиот Андреј е во исправен положба до неа. Обвинетиот Анџело се забележува како објаснува, најверојатно за тоа како оштетениот паднал. Лице од Брзата помош, ја носи до оштетениот. Бидејќи не може да го крене, Андреј, Анџело и уште едно лице од докторите му помагаат да го крене телото на Тот. Медицинските лица одат до Брзата помош, носат куферче и се наведнуваат над оштетениот“, кажа обвинителката објаснувајќи ја третата снимка која траеше 19 минути.
По завршувањето на последната снимка која се прегледуваше, се проверуваше и дали обвинетиот Андреј Костовски го удрил Тот по главата, откако сега починатиот паднал на земја по ударите од Анџело Ѓорѓиевски.
„Има удар, се мрда главата“, констатираше обвинителката.
Реконструкцијата која ја објави „А1он“ можете да ја прочитате тука.