Јавноста нема да ги види снимките од надзорните камери на раскрсниците кај Бит-Пазар, на кои е регистриран инцидентот со полицајката Јасмина Ангелеска, која пред две години беше повредена додека со пајак-возилото му го креваше непрописно паркираниот автомобил на функционерот во ДУИ, Бекир Асани. Прво МВР, потоа Обвинителството, на крај и Јавното претпријатие „Улици и патишта“ како институции кои ги имаа снимките, ги одбија барањата на „А1он“ за нивно доставување со различни образложенија.
Последен негативен одговор испрати и контролорот на надзорните камери во Скопје, претпријатието „Улици и патишта“. Оттаму сметаат дека снимките не се информација од јавен карактер и можат да се достават само со наредба од обвинител, иако тие не се класифицирани и досега биле јавно објавувани на социјални мрежи.
„Процесот на издавање на снимката согласно ЗКП Законот за кривична постапка се реализира единствено по барање на МВР, а преку претходно издадена наредба од страна на Основното јавно обвинителство-Скопје, за што треба да постои основана причина. Според одредбите од Законот за пристап на информации од јавен карактер, овој тип на информација не е предмет на информации од јавен карактер и вашето барање се одбива“, стои во одговорот на ЈП „Улици и патишта“.
Спротивен став имаше од Обвинителството, кое пак, го посочува претпријатието како имател на снимките од каде можат да се обезбедат. И оттаму одбија да го достават видео-материјалот, но со образложение дека доказите не смеат да се доставуваат бидејќи е спротивно на Законот за кривична постапка.
„Согласно Законот за кривична постапка ова обвинителство не може да доставува докази кои претставуваат составен дел од оформен предмет, па оттука Ве упатуваме снимката согласно позитивните прописи да ја побарате од ЈП Улици и патишта, од каде обвинителството го обезбеди тој доказ“, велат од Основното јавно обвинителство.
Иако Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, ја уважи жалбата против одлуката на Обвинителството, обвинителот остана на истиот став и не ги даде снимките.
По инцидентот кој се случи во 2018 година, снимките не ги даваше и Министерството за внатрешни работи. Тие посочуваа дека видео-материјалите ги предале во Обвинителството, каде во тоа време имаше оформено предмет. Постапката беше затворена без кривично гонење на функционерот Бекир Асани, а обвинителот тврдеше дека од снимките не се утврдило дека тој имал физички контакт со полицајката. Обвинителството не даде објаснување зошто ако немало закани и физички контакт со службеничката, таа повикала засилување од МВР преку радио врска.
Полицајката Ангелеска по две години од инцидентот на социјалните мрежи објави дека дала отказ од работа, а Министерството за внатрешни работи тврди дека таа е на одмор. Таа старешините ги нарече партиски послушници, додавајќи дека: „Секоја наша постапка законска и секој успех беше дали ќе ми се одрази во кариерата или во најмала рака дали ќе ме пратат на дисциплинска“.
Министерството за внатрешни работи и одговори на полицајката дека таа никогаш не пријавила мобинг на работно место.