Генераторите на коруптивното однесување на централно и локално ниво се слични и затоа е потребно да се преземат мерки, рече претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Ѓорги Сламков денеска на тренинг семинарот за јакнење на капацитетие на локалната самоуправа за спречување на корупцијата, што се одржува во Скопје.
Недоволно регулирани процедури за работа, недостаток на гаранции дека утврдените процедури ќе бидат реализирани, недостаток на проценка на ризик за појава на корупција во јавната админситрација, отсуство на изготвување планови за интегритет, недостаток на јавност и контрола во работата на јавната администрација, се дел од генераторите за појава на корупацијата, што ги наведе во обраќањето Сламков.
– Овие наведени генератори од наша страна беа преточени во конкретни проблеми, при што на површина испливаа четири, од кои две го имат тежиштето, а тоа се постапките во областа на урбанизмот, кои просечниот граѓанин не ги познава и постапките на јавните набавки во локалната самоуправа, појасни претседателот на ДКСК.
За спречување на овие ризични фактори, смета тој, се наметнува потреба од воведување внатрешна ревизија за кои што, истакна, се бара и одредени законски измени, изготвување стратегии за управување со ризици односно да се направи листа на ризици за појава на коруптивно однесување.
Сламков информира дека во 62 општини веќе постои внатрешна ревизија, но процесот се уште не е комплетиран.
– ДКСК има предвидено 15 активности, а досега во две години од реализација на програмата, пет се реализирани, 9 се во континуитет, а еден проблем се уште не е реализиран, појасни претседателот на ДКСК.
Главната порака, потенцира Холгер Михаел Арнт, од германскиот Институт за меѓународно образование, е најнискиот државен службеник во јавната администрација да разбере дека законите важат еднакво за сите односно дека има следење, превенција, судски постапки и оти јавната администрација треба да биде јавна и транспарентна.
– Ако го погледнеме индексот на Транспаренси Интернешенел, може да кажеме дека во тој аспект, Македонија е на добар пат во последниве години, дури се случува во некои делови Македонија да е подобра од некои земји од ЕУ. Но, тоа не значи дека не се потребни можности за подобрување, рече Михаел Арнт.
Според Инго Зоргас, прв главен комесар за спречување на криминал во германското МВР, најголем дел односно 30 проценти од коруптивните дејства се случуваат во градежниот сектор, иако ги има во секторите за јавни набавки, во здравството, во јавна безбедност во случаите каде што е вклучена полицијата…
– Тешко е да се каже каде корупција е позастапена, на централно или на локално ниво. На локално ниво, директно се среќаваме со граѓаните и тие имаат директна штета, смета Зоргас.