Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) денеска ја презентираше својата Економска платформа пред претставници на Алијансата за Албанците.
Како што изјави претседателот на Комората Неби Хоџа, на консултативниот состанок кој е дел од серијата предвидени со сите политички партии – учесници на претстојните парламентарни избори, беа предочени предлозите на бизнисмените за развој на македонската економија.
Транспарентност и отчетност, откажување од митот „ефтина работна сила“, раст на БДП преку четири отсто во следните четири години, намалување на стапката на невработеност и на нееднаквиот регионален економски развој, се клучните барања содржани во Платформата на СКСЗМ.
– Бараме од сите политички партии, особено од идната влада, да ги имплементира нашите предлози и со тоа заедно да придонесеме за креирање политичка платформа која ќе овозможи побрзо и подинамично решавање на предизвиците, истакна Хоџа.
Претседателот на Движењето за реформи на ДПА Зијадин Села нагласи дека Алијансата се залага за целосна рамноправност на Македонците и Албанците, и политичка и економска.
– Целта на нашата заложба за рамноправност меѓу двете заедници е подобар живот во Македонија и стабилност, а тоа не е можно без добра економија, потенцира Села.
Алијансата, додаде, се залага и за рамноправен регионален развој, за делење на буџетот по локални критериуми, за еднаков развој на општините.
СКСЗМ минатата недела ја претстави Економската платформа пред СДСМ.