Политичките партии да ги стават на прво место реалните проблеми со кои се соочува бизнис заедницата, му порача денеска Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) на лидерот на СДСМ и носител на пратеничката листа во Изборната единица 4 Зоран Заев.
Комората на консултативен состанок со Заев и неговите соработници ја презентира т.н. Платформа за економски развој на Македонија.
Транспарентност и отчетност, откажување од митот „ефтина работна сила“, раст на БДП преку четири отсто во следните четири години, намалување на стапката на невработеност и на нееднаквиот регионален економски развој, се клучните барања содржани во Платформата кои СКСЗМ ќе им ги презентира и на останатите политички партии, учесници во изборниот процес.
– Платформата опфаќа приоритетни реформи и мерки во различни области: јавни и државни институции, вработувања, развој на бизнисот, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, технолошко- индустриските зони, земјоделството,…, кои би требало да придонесат за севкупниот економски развој на земјата. Посебен фокус е ставен на прашањата кои во изминатиот период беа изоставени или поради претходните политики направија уште поголем дисбаланс, истакна Хоџа.
Според него, предизвиците со кои се соочува деловниот сектор се бројни.
– Партиите кои ќе не претставуваат во идниот мандат, да не сослушаат, заедно да придонесеме за една политичка платформа која ќе ги исполни барањата на бизнис секторот во Македонија, да ги решаваме предизвиците побрзо и подинамично, порача Хоџа.
Економската програма на СДСМ, 80 отсто се совпаѓа со Платформата на СКСЗМ, нагласи Заев и додаде дека како бизнисмен не се сомнева во одличното разбирање меѓу извршната власт и деловната заедница.
– Разговаравме за економските перспективи на Македонија. Детално ги разгледавме прашањата важни за бизнис секторот. Огромен дел од она што е зацртано во нашата програма е и дел од нивните очекувања. Соработката со деловната заедница преку коморите е од корист за сите, посебно за граѓаните и севкупниот амбиент во државата. Само заедно можеме да го унапредиме квалитетот на животот во Македонија, истакна лидерот на СДСМ.
Одговорајќи на новинарски прашања, Заев напомена дека враќањето на државниот долг и навремното плаќање кон деловната заедница е приоритет на политиката на СДСМ, а паралелно со тоа и повратокот на ДДВ. – Во првите сто дена јавно ќе го објавиме долгот и ќже ја кажеме динамиката на ипслата кон домашните компании. Ако државата биде мудар потрошувач на јавните пари и побрзо ги плаќа своите обврски, тоа ќе и се врати на Македонија како силен развоен ефект, рече Заев.
Проценките се, додаде, дека долгот изнесува преку една милијарда евра, на централно и локално ниво заедно, вклучувајќи ги претпријатијата, општините, локалните и државните институции. И Заев и Хоџа се согласија дека проекциите на СДСМ за минимална плата од 16.000 денари, се реални.
– Бараме зголемување на минималната плата, но тоа не мора да се случи веднаш. Сепак, сметаме дека во еден мандат може да се реализира. Предложивме просечната плата да биде 500 евра. Отсега да тргнеме кон таа цел и да ја постигнеме за одреден период, објасни претседателот на Комората.
Лидерот на СДСМ додаде дека на ова прашање мора заеднички да се работи. – Ако не ги ставиме целите пред нас, никогаш нема да ги постигнеме. Сигурен сум дека ова е достижно, но само со добра соработка на двете страни. И со минимална плата од 16.000 денари или просечна 500 евра, не смееме да бидеме задоволни, туку треба да работиме уште повеќе, потенцира Заев, посочувајќи дека ваквиот предлог доаѓа и од работниците, но и од компаниите.
На работниот состанок во СКСЗМ стана збор и за условите во иднустриските развојни зони, обезбедувањето еднакви услови на домашните и странските компании, земјоделството,… Со Заев беа и неговите блиски соработници Петре Шилегов и Драган Тевдовски.