Скопје утре одбележува 51 година од катастрофалниот земјотрес

Од:

Скопје утре со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 51 година од катастрофалниот земјотрес во 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Одбележувањето ќе почне во 10 часот со положување цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во земјотресот. Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува од 10 до 18 часот во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на Град Скопје во ДХО „Даре Џамбаз“.

Во Музејот на Град Скопје ќе се одржат повеќе манифестации. Поетеси ќе имаат литературно читање за својот град, кое ќе почне во 19 часот. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје ’63-филмска хроника на едно време“, предвидена во 20.30 часот. Потоа ќе има проекција на документарниот филм „Скопје ’63“ на режисерот Вељко Булајиќ.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во 5.17 часот, а помали потреси имаше до 5.43 часот. Беа урнати 15.800 куќи и станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: На Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа

МВР: Лажни се пријавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово

Горан Наумовски

Одрон на автопатот Скопје – Велес и две сообраќајки

Катерина Ѓуровски

Ѓорѓиевски: Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија

Во Скопје 474.304 граѓани со право на глас ќе избираат помеѓу 16 кандидати за градоначалник и 19 листи за советници

Ѓорѓиевски: Скопје ќе стане првиот целосно – paper free град во државата, дигитален, модерен и транспарентен