Скопјанка платила масажер за стапала, а добила чорапи, на „Фејсбук“ наезда од продавачи измамници

Од:

Скопјанка преку „Фејсбук“ нарачала масажер за нозе, а добила чорапи. Кога се обидела да добие замена на производот, таа била блокирана од профилот кој лажно продавал масажери. Друга скопјанка, пак, порачала и платила четири перници, а добила само две, a кога им се пожалила и реагирала, исто така била блокирана.

Битолчанец, пак, нарачал караоке-звучник и безжичен микрофон, а добил жичен, друг купувач нарачал рутер за безжичен интернет, а добил ГПС-уред за лоцирање.

„Нарачав два големи паричника, при достава си платив уредно, но добив еден минијатурен паричник. Не се јавуваат, ниту враќаат на пораки“, се жали една измамена скопјанка.

Купувач ја нарачал сликата од лево, но ја добил таа од десно, по што бил блокиран

На „Фејсбук“ веќе постои и група каде што граѓаните ги споделуваат своите искуства за одредени продавачи кои ги изманипулирале, им пратиле погрешен или расипан производ, а потоа одбивале да им извршат замена.

Друга скопјанка, пак, купила фритеза за 3 килограми, а добила фритеза за 6 килограми. Кога побарала да ѝ ја заменат, и таа била блокирана.

 

За време на корона-кризата, поради безбедност, граѓаните преминаа кон порачување производи преку интернет, посебно преку „Фејсбук“, но наидоа на голем број измамници кои ја користат ситуацијата и профитираат. Голем дел од нив не се регистрирани како трговски друштва, работат од дома и не издаваат фискални сметки, нешто што дополнително ја отежнува ситуацијата, бидејќи на тој начин граѓаните не можат да докажат дека навистина го платиле производот, со оглед на тоа што на доставувачите им плаќаат во кеш.

Граѓаните немаат заштита кога станува збор за нелегална продажба преку „Фејсбук“

Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи вели дека постојат два вида на продажба преку интернет, односно легална и нелегална.

Доколку станува збор за легална продажба, станува збор за регистрирана фирма која издава фискална сметка, и може да плаќате преку картичка, па на тој начин сте заштитени. Доколку купувачот не е задоволен од производот што го купил од овие легални продавачи на „Фејсбук“, тој може да ги пријави во Државниот пазарен инспекторат.

Но, кога станува збор за нелегална продажба преку „Фејсбук“, граѓаните не се заштитени.

„Тоа се луѓе кои прават профили на ‘Фејсбук’, нудат производи по неверојатни цени и ги доведуваат купувачите во заблуда за да нарачуваат производи“, вели Грнчаревска.

Бројот на таквите измами е голем, а во Организацијата на потрошувачи има околу 200 поплаки во минатава година, но веројатно е дека бројот на измами е многу поголем, а тие не се пријавени.

„Кај нелегалната интернет-продажба, производите им пристигнуваат дома на врата, а купувачите плаќаат на рака. Измамниците не се фирми, туку нелегални продавачи и купувачите откако ќе сфатат дека се измамени никако не можат да ги добијат, бидејќи продавачите ги блокираат на социјалните мрежи“.

Граѓаните во овој случај немаат фискална сметка, а со тоа ниту доказ со кој можат да ги остварат своите права.

Од Организацијата на потрошувачи советуваат, ако купувачот не добие фискална сметка, воопшто да не прифати да го плати и земе производот, бидејќи на тој начин нема да има можност да се заштити од измама.

„Ние ги упатуваме да пријават во МВР и ДПИ, за да имаат увид дека на ‘Фејсбук’ постојат тие нелегални мрежи“, велат од Организацијата.

Би можело да ве интересира

Вредноста на онлајн трансакциите во 2023 изнесува 649 милиони евра, информира Асоцијата за е-трговија

Орце Костов

Македонците најмногу пари онлајн потрошиле во Велика Британија

Ана Ололовска

Fashion Group освои седум награди на E-commerce Awards 2022

Ана Ололовска

Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци

Ана Ололовска

Македонците најмногу купувале онлајн од Обединетото Кралство, Ирска и Унгарија

Ана Ололовска

Македонците потрошиле 203,1 милиони евра купувајќи од домашни онлајн продавници

Ана Ололовска