Сиљановска-Давкова: Инвестирајте во знаење, тоа е инвестиција во иднината

Од:

„Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето“, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на првачињата, посакувајќи им успешен почеток на школувањето.

Сиљановска-Давкова заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, присуствуваше на првиот училишен час на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, со што беше одбележан почетокот на новата учебна година.

Обраќајќи им се на најмладите ученици, претседателката ги повика да учат, да бидат љубопитни и да поставуваат прашања, нагласувајќи дека знаењето ќе им помогне да бидат посамостојни и да имаат поголемо разбирање за светот околу себе.

– Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата, порача Сиљановска-Давкова.

Таа им порача на првачињата да се натпреваруваат не само за оценки, туку пред сè, за знаење и успех, да бидат љубопитни и критични и да развиваат другарства со соучениците и наставниците.

– Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците, им порача претседателката.

Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, истакна дека и самата би сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати, а се осврна и на учителската професија.

– Нема подобра работа од учителската, рече таа, посакувајќи им на првачињата успешно школување, многу знаење, прашања и одговори.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, со порака до најмладите дека првиот училишен ден е посебен момент и дека во училиштето, покрај читањето и пишувањето, ќе научат колку се важни другарството, почитувањето и меѓусебната помош…

– Бидете љубопитни, вредни и насмеани и уживајте во секој училишен ден, им порача Пецаков.

Тој на родителите им порача да им бидат поддршка на децата во нивното образование, а до наставниците – да продолжат посветено да им го пренесуваат знаењето и да придонесуваат за нивниот воспитен и образовен развој.

Пецаков истакна дека Општина Охрид ќе продолжи да вложува во училиштата и да создава подобри услови за сите ученици.

Во рамки на свечениот прием беше подготвена и пригодна програма за најмладите, со која беше одбележан нивниот прв училишен ден.

На сите ученици од Охрид им беа упатени желби за успешна, исполнета и среќна учебна година, со многу знаење, нови другарства и убави училишни спомени.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Верувајте во себе и секој ден учете – знаењето никој не може да ви го одземе

Алармантен пад на бројот на првачиња – годинава запишани речиси 5.000 помалку ученици

Горан Наумовски

Сиљановска-Давкова: Копенхашките критериуми да важат подеднакво за сите

Сиљановска-Давкова: Без двојно државјанство за претседател и министри

Сиљановска-Давкова: Лицата од аутистичниот спектар нè учат на искреност и трпение

Левица: Претседателката Давкова да не го потпишува новиот закон за легализација на дивоградби