Сијарто: Преговорите со Северна Македонија треба да почнат веднаш

Од:

Местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Ова значи дека проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш, порача министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто кој е во работна посета на земјава.

Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, имајќи ја во предвид војната во Евроазискиот континент.

-ЕУ е сериозно ослабната. Прашањето е како да го сопреме ослабнувањето. Сметам дека првиот чекор е да признаеме дека Унијата има потреба од Западниот Балкан. Треба да се признае дека на ЕУ и е потребна свежа енергија која доаѓа од Западниот Балкан, а проширувањето да се забрза веднаш со Северна Македонија. Вистинските преговори треба да почнат веднаш и да се одржуваат до крај, за што е можно побрзо Северна Македонија да стане членка на ЕУ, рече Сијарто.

Но, како што потенцира, уште има земји кои го попречуваат и успоруваат овој процес.

-Северна Македонија е земја кандидат веќе 18 години. Земјата 18 години има кандидатски статус, и не може да ги започне преговорите и на овој начин се покажува непочитување кон земјата. Ова е котнрадикторно на интересите на ЕУ. Тие кои што го блокираат стартот на овие преговори, треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ, додаде Сијарто.

Тој појасни дека кога Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, ќе направи се да се овозможи пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан.

Сијарто информираше дека на денешната средба со Османи разговарале и за зголемувањето на таксите за транзит на природниот гас од страна на Бугарија и потенцираше дека ова претставува чин на непријателство.

-Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, кога со ултиматум ги зголеми давачките за Унгарија, Србија и Северна Македонија, односно таксите за транзит за природниот гас претставува чекор на непријателство. Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејствија во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договирвме дека Владата на Северна Македонија и унгарската Влада ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигураме дека енергетската ебзбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствијата на Бугарија, додаде Сијарто.

Во однос на ова, министерот Османи на прес-конференцијата се надоврза дека станува збор за нелегално воведена такса која што е спротивна на европските правила, и со тоа и се наштетува на економијата на нашата земја во сегашниот критичен период.

-Ние ја информиравме Европската Комисија и разговаравме за можен координиран пристап во преземање на иницијативи со цел да се отстрани оваа нелегално поставена такса, додаде Османи.

Според него, минатонеделниот извештај на ЕК нотира дека државата го нема изгубено чекорот со останатите предводници во процесот и нивото на генералната подготвеност е на солидно ниво за натпревар.

-Следната година во второто полугодие Унгарија ќе претседава со ЕУ и очекувам како и досега силно и гласно да ја поддржи нашата евроинтеграција и затоа сите треба да бидеме обединети за европската идеја и да обезбедиме дека по толку години чекање нема повторно да се создаде застој во европристапниот процес во момент кога тој реално добива на забрзување заради геополитичките околности, рече Османи.

Тој порача дека целта на Унијата е до март 2024 година да направи прв трансфер на пари кон Северна Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан.

-Нашите земји имаат блиски пријателски односи. Унгарија е наш десети трговски партнер и осми странски инвеститор во земјата. И оваа позитивна статистика не прави оптимисти за уште посветла иднина помеѓу нашите две земји кои следната година слават 30 години од воспоставување на дипломатските односи и со нетрпение очекуваме да создадеме подлабоки врски преку градење на ова важно пријателство во годините што доаѓаат, додаде Османи.

Би можело да ве интересира

Владата се сомнева во искреноста на Османи кога дава предлози за решавање на проблемот со Бугарија

Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Муцунски – Сијарто: Унгарија како Претседавач со ЕУ ќе направи напори за забрзување на процесот на проширување на Унијата

Заврши едногодишното претседавање на Македонија со ПСЈИЕ – Тирана e иден претседавач

A1on

Османи: Членство во ЕУ на сите учесници во ПСЈИЕ е гаранцијата за стабилноста и наш приоритет

Горан Наумовски

Османи: Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка