Помошник-командатот во Единицата за брзо распоредување сведочеше во кривичниот суд во Скопје за насилните настани во Собранието од 27 април 2017 година.
Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа го праша сведокот Влатко Наумовски да му одговори дали во толпата што насилно се обидела да влезе во Собранието видел колеги од Единицата за брзо распоредување и тајната полиција. Наумовски рече да видел припадници од ЕБР, но дека не знае дали имало припадници на тајната полиција. „Кога комуницирав со колега од ЕБР ми пријде лице што ми го оттурна мобилниот додека разговарав“, рече сведокот.
Претходно Наумовски кажа дека на 27 април користел слободен ден и бил на седенка со колеги. Сведокот рече дека добил телефонски повик околу 18:30 часот: „Околу 18:.30 ми се јави командантот Марјан Петковски и ме информира дека во моментот на протестот пред Собранието во тек е нарушување на јавен ред и мир и ми кажа ако сум во можност што е можно побрзо да одам на самото место и го информирам за ситуацијата таму и да пружам помош на колегите таму“.
„Го информирав Чавков за состојбата внатре и хаосот што владееше. Тој ми нареди со сите средства и сили да продолжиме и влеземе во прес-центарот и пружиме помош. Толпата беше насилна и во еден момент употреби ПП-апарат. Од директорот побарав да употребиме шок-бомби и добив дозвола. Со употребата толпата ја заплашивме и влеговме во прес-салата. Внатре беше повреден колегата Ацо и пратеници, новинари“, рече сведокот.
На прашање од адвокатот на Митко Чавков, сведокот кажа дека не знае точно кога се слушнал со Чавков, но тоа било пред 19 часот. Попладнево како сведоци се повикани и Марјан Петковски, Горан Ѓорѓиевски и Сашо Трпевски.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Кристијан Ландов