Петре Шилегов денеска ги повика младите да излезат на вториот круг на изборите за Градоначалник на Скопје и да го дадат својот глас за опцијата која најдобро ги застапува нивните интереси и потреби. Тој ги претстави деловите од неговата програма кои се однесуваат на средношколците, студентите, но и на младите брачни парови.
„Средношколците и студентите во првиот мој мандат добија целосно бесплатен јавен превоз и тоа се покажа како правилна политика. Сега одиме понатаму и на сите постдипломци и докторанди во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси, како и 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети“ – вели Шилегов.
Младите родители и младите брачни парови се посебна група на Скопјани на која Шилегов се обрати неколку пати во оваа кампања. Свесен за тешкотиите да се формира и издржува семејство, Градоначалникот понуди социјален пакет кој треба да им ги намали трошоците за воспитување и образование на децата, но и да ги поттикне паровите да создаваат семејства.
„Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на најјмногу 50% од месечниот трошок. За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Сите ученици во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на Биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот “ – рече кандидатот за градоначалник од СДСМ.