Немојте да се криете зад институциите, со коментири дека некој девалвирал институции. Вие не сте институција и ако некој девалвира институции, тоа сте вие, изјави Петре Шилегов, портпаролот на најголемата опозициска партија кој денеска ја прозва министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска која според нивните откритија се стекнала со голем имот во последните неколку години.
– Ѓоспоѓо Јанкулоска, не се стекнале МВР, Антикорупциска и УЈП со станови од 200 илјади евра, туку вие лично. Тоа што ги ставате институциите во тешка ситуација без аргументи да ве бранат е друго. Вие објаснете, просто, со да или не, дали имате или немате станови вредни 200 илјади евра со кои сте се стекнале по 5 години откако сте станале министерка. Вие сте пријавиле дека имате таков имот, а до 2006 година сте живееле во 50 метри квадратни – вели Шилегов.
Тој побара Јанкулоска да каже каде и од кого можело да се купат два стана од 214 метри квадратни, среде центар во Скопје, за 140 илјади евра.
– Значи станува збор за помалку од 700 евра по квадрат. Бидејки во анкетниот лист не сте го навеле основот на стекнување, просто е прашањето е каде и од кого. Тврдите дека сте земале кредит од 100 илјади евра. Во вашиот анкетен лист нема кредит од 100 илјади евра. Сте пријавиле кредит од само 14 илјади евра. А има двојно поголема сума на средства – ама на заштеди и тоа 24.000 евра во девизи и денари или 15 илјади евра повеќе од 2006 година, од кога сте седнале во фотељата во МВР – вели портаролот на СДСМ.
Шилегов јавно ја запраша Јанкулоска да каже како и успеало со плата од 60 илјади денари да земете толкав кредит, кога тоа ни на некои фирмите не им успеало.
– Месечна рата за таков кредит не би можела да е помала од 80 илјади денари. А вие во анкетниот лист за единствен приход сте навеле само плата. Ете на ова одговорете госпоѓо Јанкулоска како се стекнавте со станбен имот од 200 илјади евра за 5 години, при тоа ги намаливте кредитите за 11 илјади евра, а успејавте и да заштедите 15 илјади евра – нагласи Шилегов.