Она што се случува во Сирија, ќе има влијание и врз Македонија со зголемување на мигрантскиот притисок. Ние како држава ги подготвуваме границите за тоа, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи одржаа отворен брифинг пред македонските медиуми.
– Она што се случува денеска уште од раните утрински часови во Сирија покажува колку е кревка безбедносната ситуација во светот и колку за жал темите од типот на мир и безбедност повторно стануваат главни теми. Тоа ни покажува и нам како мала држава колку ни е важно да бидеме дел од системи за колективна безбедност, рече Шекеринска поосочувајќи дека во наредните денови ќе имаат дополнителни разговори со Министерството за внатрешни работи и со сите други институции околу можни зголемувања на притисокот на границата.
– Но, дури и без нападот во Сирија јасно е дека притисокот врз границата постои. Не е така видлив како во 2015 година, но фактот дека пред некое време имавме околу стотина мигранти кои нелегално се обидуваат да ја поминат границата и за среќа без фатени покажува дека Македонија и регионот, практично треба да се навикнат дека ова ќе трае и дека мора да имаме систем кој ќе биде постојано активен, а не по потреба, рече Шекеринска.
На прашањето дали Македонија ја поддржува одлуката на западните земји за нападот во Сирија, министерката Шекеринска рече дека веќе го искажале официјалниот став кој се потврдува со мерките кои ги презеде државата во поглед на користењето на хемиско оружје по една друга тема.
– Ние веруваме дека мир во светот е возможен и стабилен свет е возможен само ако ги почитуваме глобалните правила. Едно од тие глобални правила со консензус прифатени во светот е забраната за користење на хемиското оружје. Употребата на хемиското оружје во Сирија утре може да значи употреба на хемиско оружје секаде. Нашиот став беше јасен, принципиелен и дел од нашите стратешки определби, додаде Шекеринска.
Виктор Јованов