Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оддржа онлајн состанок со претставници на Синдикатот на Клинички центар, на кој се разговараше за законското решение недела да биде ден за неделен одмор.
Од страна на Синдикатот, како што соопшти Министерството, биле посочени предлог решенија кои би одговарале на здравството како особено комплексна дејност каде што дежурствата се регулираат со Законот за здравствена заштита и Колективен договор.
– На состанокот стана збор и за неколку други теми во делот на репрезентативноста на Синдикатот, за предлог законското решение на Законот за работни односи, на кој работи работната група во Министерството за труд и социјална политика со Синдикатите, Организацијата на работодавачи, претставници на МОТ и експерти, со кое се предвидува задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж, а исклучок се дефицитарните кадри како во здравството, така и во високото образование, наведуваат од МТСП.
Соговорниците изразиле подготвеност и за понатамошни средби и состаноци за сите прашања кои се во надлежност на Министерството, а ги засегаат вработените во здравството.