Северна Македонија со скок од 14 места на листата на медиумски слободи на „Репортери без граници“

Од:

Владата го поздравува напредокот на земјата за 14 места на листата на медиумски слободи што секоја година ја прави организацијата „Репортери без граници“.

Во денешното соопштение владината прес-служба се посочува дека напредокот во 2019 година на ранг листата на „Репортери без граници“ за состојбата со слободата на медиумите врз основа на податоците за 2018 година е значителен и ја става нашата земја на 95 место за разлика од пред една година кога бевме на 109 позиција.

– По стагнацијата и падот на медиумските слободи во годините пред 2017, овој напредок е сигурен показател дека преземените мерки и активности во делот на концептот за отворена влада, преку подобрување на степенот на транспарентноста и преку демократизацијата на медиумскиот амбиент, ги дава неопходните резултати, стои во соопштението.

Во насока на подобрување на слободата на медиумите, на предлог на Владата, се подвлекува, се измени и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик од 5-ти февруари 2019 година, со што е отстранета обврската за Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми (порталите) за време на изборните процеси, што претставува позитивно решение во однос на укажувањата во извештајот.

– Уверени сме дека ситуацијата ќе беше уште подобра доколку опозицијата не го кочеше усвојувањето на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој поради кочењето со задоцнување помина во Собранието на РСМ во февруари оваа година. На односот на опозицијата укажува и наративниот извештај на „Репортери без граници“, во кој, исто така се констатира дека МРТВ сѐ уште „им служи на интересите на поранешната владејачка партија“, што наведува на заклучокот дека јавниот сервис мора да биде ослободен од какво било партиско-политичко влијание, се подвлекува во соопштението од владината прес-служба.

Владата, се вели во соопштението, останува посветена на ставот дека медиумските слободи се столб на демократијата и оти концептот отворена влада е сеопфатен само со напредок во медиумските слободи.

– Затоа, Владата изразува целосна подготвеност за соработка со сите чинители со цел отстранување на недостатоците во полза на слободата на изразувањето во медиумскиот простор, стои во соопштението

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он