Сексуалното вознемирување на јавен простор сѐ уште без правен лек

Од:

Светот постојано се менува, но сепак некои штетни општествени појави се уште се непроменети, една од нив е токму сексуалното вознемирување на јавен простор. Ваквото вознемирување и другите форми на сексуално насилство на јавни простори во урбаните и во руралните средини, се секојдневна појава за жените и девојките не само кај нас, туку и во секоја земја во светот.

Жените и девојките доживуваат и се плашат од различни форми на сексуално насилство на јавни места, од несакани сексуални забелешки и гестови, до силување и фемицид. За жал овие стравови се присутни на улиците, во и околу јавниот превоз, училиштата, јавните тоалети и парковите.

Оваа реалност ја намалува слободата на движење на жените и девојчињата и влијае врз нивната способност активно да учествуваат во социјалниот живот.

Несигурноста и вознемиреноста е присутна кај поголем дел од жените кога се движат на јавен простор, што покажува и едно истражувањето спроведено од страна на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ во 2014 година според кое 85 отсто од жените на возраст од 18-24 години и 64 отсто од жените од сите возрасти биле жртви на несакано сексуално вознемирување на јавни места, а 35 отсто доживеале несакано сексуално допирање.

Според психолозите овие појави во голема мера ја намалуваат слободата на жените и девојките да уживаат во јавниот живот и може негативно да влијае на чувствата на безбедност, телесна автономија и ментално здравје. Тоа значи дека сексуалното вознемирување може да биде понижувачко и штетно искуство само по себе, но последиците може да бидат многу поштетни.

-Свиркањето, дофрлувањето на недолични зборови, навредливи коментари, “зјапање“ и слично, можат да имаат последици врз псхичкото здравје на личноста. Последиците можат да бидат вознемиреност, страв, чувство на несигурност, чувство на вина, срам, анксиозност. Тоа може да доведе до промена на навиките на личноста со цел да избегне да биде мета на ваквото вознемирување, вели психологот и психотерапевт во едукација Елена Кабранова, потенцирајќи дека сексуалното вознемирување вклучува широк дијапазон на однесувања на кои, иако се присутни и кај жените, сепак тие однесувања се почести кај мажите.

-Најголем процент од сексуалното вознемирување се случува на јавен простор како улици, паркови, продавници, ресторани, јавен превоз и слично. Имено, истражување спроведено во 2018 година во Америка, покажува дека 35 проценти од сексуалното вознемирување се случува на јавен простор. Кај нас голем дел од однесувањата кои се сметаат за сексуално вознемирување, како на пример меркање од горе до долу, блокирање на патот при движење, промена на темата на разговор од работна кон сексуална, упорното канење на состанок на жена која не е заинтересирана, допири по косата и вратот и многу други кај нас на некој начин се нормализирани, што е загрижувачки, вели психологот.

Стручните лица од социо-културна перспектива сексуалното вознемирување го објаснуваат како последица на процесот на социјализација и прифаќање на родовите улоги, објектификацијата на женското тело и културното одобрување на насилството врз жените.

Сексуалното вознемирување на јавен простор се уште непрепознаено од законите

Сексуалното вознемирување и другите форми на насилство врз жените и девојчињата на јавни места често се занемарени од законите и политиките за спречување и справување. Сексуалното вознемирување на јавен простор кај нас се уште не е правно регулирано, па така, пријавите за ваквото насилство се третираат како поплака се до оној момент кога ќе биде направено кривично дело како што е силувањето.

Од Министерството за внатрешни работи за МИА појаснуваат дека согласно законските прописи тие имаат обврска да го предупредат лицето кое вознемирува, но не и да го санкционираат.

-Кога согласно пријавата за вознемирување се утврди дека немало елементи на прекршок односно кривично дело, овие пријави најчесто се третираат како поплаки при што лицето против кое е поднесена поплаката се повикува и се предупредува во поглед на дејствијата кои ги врши, велат од таму.

Поради тоа е потребно итно донесување на измената на законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, во кое сексуалното вознемирување ќе се третира како кривично дело, вели Ана Нушкова од националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Според неа во Кривичниот законик, со новите измени треба да бидат опфатени кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“, а тие промени се од големо значење.

-Сексуалното вознемирување се воведува како ново кривично дело кое е нагласено како полово, а не сексуално и истото треба да се усогласи со нашата веќе постоечка национална легислатива. Кај сексуалното вознемирување имаме вербално или физичко дејствија кое директно или индиректно е од сексуален карактер, пример се движиш по улица те удира по задник, прво се прави непосакуван физички контакт, а дополнително те заплашува и ти го повредува достоинството. Дополнително кај ова дело дејствието не мора да е повторено, но во принцип ќе се повторува се додека не го пријавиш и не се започне да се санкционираат сторителите, оценува Нушкова.

И од Здружението ЕСЕ арлармираат за потребата од препознавање на ова дело во законите, велат дека во суштина потребно е инкриминирање на сите форми на насилство врз жените или родово засновано насилство.

-Позитивен момент кој сега се користи е ратификувањето на Конвенцијата на Совет на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство и обврските за усогласување на нашето законодавство со меѓународните стандарди за заштита од насилство врз жените. Меѓутоа, мораме да нагласиме дека паралелно со донесувањето на новиот закон и менувањето и дополнувањето на Кривичниот законик, неопходно е да се посвети внимание и на спроведувањето на законските решенија во пракса, истакнуваат од Здружението.

Сексуално вознемирувања врз жените како резултат на стереотипи и дискриминација

Третирањето или поточно односот кон жените и околината во која личноста се формира се зависносложени. Кабранова смета дека третирањето на жените најмногу се учи во семејството.

-Ако мажот научил дека жените се достојни за почит и имаат еднаква вредност како и мажите ќе се однесува согласно овие верувања. Во спротивно, ако научил дека “Целта на жените е да им служат на мажите“, “Жените се лоши и расипани“, “Жените треба да се држат под контрола“, “Мажот треба да ја покаже својата моќ и доминација“ и слично, нормално е да се однесува на начин кој е деградирачки спрема жената, вели таа.

Од Комисијата за заштита од дискриминација пак, потенцираат дека постои и друга причина за сексуалното вознемирување, а тоа се стеротипите и дискриминацијата.

-Родово базираната дискриминација и сексуалното вознемирување често се резултат на родови стереотипи, кои раѓаат предрасуди, кои пак се манифестираат во родово базирана дискриминација и сексуално вознемирување. Корените на стереотипите можат да бидат различни – културни традиции, семејни релации, образовни процеси, работна култура и етика и слично, појаснуваат за МИА.

Мрежа на поддршка и отвореност за жртвите, информираност на населението, домашно воспитување и едукацијата на децата во воспитно-образовните институции, се дел од решенијата кои ги истакнаа експертите.

Впрочем, доколку се земе предвид дека според психолозите и здруженијата основна причина за насилство врз жените е самата прифатеност на традиционалните патријархални вредности, тогаш оправдана е потребата за преземање на суштински мерки за унапредување на родовата еднаквост и состојбата на жените во нашето општество.

За таа цел потребно е усогласување и заедничка имплементација на политиките за родова еднаквост заедно со политиките за справување со насилството врз жените. Дотолку повеќе, што за ефективно справување со насилството врз жените неопходно е елиминирање на родовите стереотипи и предрасуди во наставните содржини и програми во образованието, како и подобрување на разбирањето помеѓу наставниците и самите ученици за тоа што претставува родовата нееднаквост, како и насилството и дискриминацијата врз жените.

Би можело да ве интересира

Тренчевска: Годинава три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација

Ана Ололовска

Вработен во белградскиот Герентолошки завод сексуално вознемирувал студентки

Надлежните во Прилеп испитуваат наводи за сексуално вознемирување на средношколка

Ана Ололовска

ВИДЕО: Kолку години ќе се оди во затвор за „сексуални“ пораки на Фејсбук

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) За вулгарни пораки на Фејсбук во затвор – сексуално вознемирување е кривично дело

Анита Петровска Рајковиќ

Извештај: Сексуални напади, вознемирување и расизам се присутни во компанијата Рио Тинто

А1он