Седумдесет години од холокаустот на македонските Евреи

Од:

Можеме да простиме, но не и да заборавиме бидејќи заборавот го влече човекот кон нови злосторства и историски проклетија. Стоиме на место за кое е многу тешко да се најдат вистинските зборови да се опише она што токму овде, на овој ден се случило пред 70 години.

Ова го порача денеска претседателот на Еврејската заедница во Македонија Бјанка Суботиќ во Тутунскиот комбинат, на одбележувањето 70 години од депортацијата на македонски Евреи во нацистичкиот логор Треблинка.

Во историјата на Комбинатот, нагласи таа, меѓу другото стои дека на 11 март 1943 година овој Комбинат е пренаменет за привремен логор за 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип. На чело на привремениот логор бил поставен бугарскиот офицер Пејо Драганов Пеев.

Суботиќ потсети дека според куќниот ред на логорот, на Евреите не им било дозволено да имаат пари, цигари, кибрит, злато, забранет е разговор и видување со надворешни лица. Било забрането носење храна, гледање низ прозорецот, допишување, одење од одделение во одделение… Во собите на овие згради биле сместувани по 500 луѓе на кревети направени од штици. Храната била делена два пати дневно, а посетата на тоалети била групно и со придружба на стражар. Десетина дена подоцна, од тука, нагласи Суботиќ, преку три последователни транспорти на 22, 25 и 29 март се натоварени во вагони за стока и испратени во гасни комори и печките на Треблинка, каде потоа се убиени.

– Ова несомнено претставува настан кој го вбројуба Монополот во светските анали како место на трагедиите со колективно паметење. По Треблинка само молк. Молк бидејќи не постојат зборови доволно силни да ја опишат и оплачат трагедијата. Секоја помисла и навраќање на тој ден за сите нас претставува тежина и уште едно простување од нашите најмили чии огништа за навек згаснаа, а Треблинка им стана заедничка гробница, рече Суботиќ.

Таа потенцира дека е потребно да се стремиме кон подобро утре, кон заедничка просперитетна иднина за сите граѓани на нашата држава.

– Можеме да простиме, но не и да заборавиме бидејќи заборавот го влече човекот кон нови злосторства и историски проклетија, рече Суботиќ.

Шела Сијон Алтерац од Штип имала седум ипол години кога била донесена во Тутунскиот комбинат и е единствената што се спасила од таму. Изјави дека се сеќава на се и оти било многу тешко. Се сеќава на тоа дека Евреите ги тепале и туркале во вагони. Имало стaри лица, бремени жени, деца…

– Пред 70 години од Монополот во Скопје биле депортирани во логорите на смртта 7.200 Македонци затоа што биле Евреи. Светскиот македонски конгрес изразува сочувство за депоратцијата, очекува и бара Парламентот на Бугарија да донесе резолуција со која ќе се извини за депоратцијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта, изјави Тодор Петров од СМК.

Сочувствуваме со еврејскиот народ зашто, како што рече, и Македонците ја споделуваат истата судбина, геноцидот врз нив, од Балканските војни и Граѓанската војна во Грција.

На новинарско прашање за усвоената декларација во Бугарија во врска со депортацијата на македнските Евреи, Петров додаде дека извинувањето е дел од себалканското помирување и меѓусебно простување за грешките во историјата.

– Се надеваме дека Собранието на Република Бугарија ќе донесе резолуција. Се разбира тоа не ги надминува жртвите, меѓутоа придонесува кон сеопшто помирување меѓу балканските народи и Евреите кои живееле на овие простори, рече Петров.

Пред споменикот на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат денеска цвеќе положија делегации на Еврејската заедница во Македонија, Фонд на холокаустот на Еврите од Македонија, Владата, Собранието, Кабинетот на македонскиот претседател, Комисијата за односи со верски заедници, повеќе амбасади, Град Скопје, политички партии…

Делегациите положија цвеќе и пред спомениците на депортираните Евреи и на борците загинати во НОБ на гробиштата во Бутел.

Во просториите на Град Скопје попладнево ќе се одржи прием на кој претседателот на Евро-азискиот еврејски конгрес Вадим Шулман ќе и подари на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје еден свиток на Тора. Тората ќе се чува заедно со другите свитоци на Тора во Арон-хакодеш во синагогата.

Одбележувањето на годишнината денеска ќе заврши со комеморативен концерт во Домот на АРМ, а утре ќе продолжи со чествувања на жртвите во холокаустот во Битола и Штип во кои, покрај Скопје, пред Втората светска војна живееле најголем број Евреи. Во МАНУ утре ќе биде одржана научна трибина „70 години од депортацијата на Евреите од Македонија“ и промоција на книгата „Движењето на отпорот и Евреите од Македонија“ од Жамила Колономос.

Во Меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи вчера беше промовирана книгата „Плима и слом“ од Жени Лебл и беше отворена изложбата „Нови сведоци на холокаустот“.

Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и концентрирани во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупатопрски власти, уапсени биле 7.144 Евреи.

На 11 март 1943 тие биле собрани во сточни вагони и од Битола и Штип сите заедно доведени во скопскиот Монопол, каде што останале до крајот на март во екстремно тешки хигиенски и психолошки услови. Сиот имот им бил земен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени, меѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

За оваа годишнина, во март 2011 година во Еврејското маало во Скопје беше свечено отворен Меморијален центар на холокаустот на македонските Евреи. Изграден е со средства од имотите на  семејства на убиените македонски Евреи кои немаат наследници. Тие беа собрани во Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кој претходно работеше на имотно-правните прашања поврзани со денационализацијата на земјиштето каде што е изграден објектот.

Во спомен на депортираните македонски Евреи, делегација на Република Македонија во 2008 година во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“.

Според проценките, во Треблинка се убиени околу 900 илјади луѓе, од кои над 750.000 Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, на 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани меѓу јули 1942 и октомври 1943 година.

ФОТО: МИА

Би можело да ве интересира

Планирал да го нападне Еврејскиот центар во Њујорк, одбрал симболичен датум

Се зголемува бројот на антисемитски инциденти во Германија

Горан Наумовски

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

(ВИДЕО) 60 лица се уапсени откако толпа упадна на аеродром во Русија и бараa Евреи

Горан Наумовски

Еврејската заедница ќе го одбележи Јом Хашоа – Националниот комеморативен ден на Израел

Ана Ололовска