Седум лица повредени во пожарот во Кочани се транспортираат во Шпанија

Од:

Две јавни болници во Мадрид, Шпанија ќе примат на лекување седум лица повредени во страотниот пожар во ноќниот клуб во градот Кочани, Македонија, кое се очекува да пристигнат наскоро, објавија дневните шпански весници „ABC Madrid“ и „20Minutos“ повикувајќи се на информација потврдена од портпаролот на Владата на Шпанија, Мигел Анхел Гарсија Мартин.

Како што наведува „ABC Madrid“, станува збор за болниците во Ла Паз и Гетафе кои ќе ги отворат вратите за овие седум пациенти кои се тешко повредени во пожарот што избувна во Македонија минатата недела.

Од седумте трансфери кои се очекуваат наскоро, пет ќе одат во болницата во Ла Паз и два во болницата Гетафе, која е меѓународно признат центар за лекување на изгореници. Пристигнувањето на овие пациенти се очекува набргу, а болниците имаат сè подготвено за нив.

Шпанскиот весник во вчерашното издание меѓу другото наведува и дека бројот на загинати во овој инцидент е над 50, а бројот на повредени надминува 150. Од пламените јазици или чадот загинаа млади луѓе, меѓу кои и 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров. Тој, како и другите, загина обидувајќи се да спаси други луѓе во ноќниот клуб.

Весникот „20Minutos“, наведува дека одделенијата за изгореници во јавните болници во Ла Паз и Гетафе во наредните денови ќе примат седум лица од Северна Македонија кои беа тешко повредени во пожарот што избувна за време на забава во ноќен клуб во североисточниот град Кочани минатиот викенд. Овој трагичен инцидент ги однесе животите на речиси 60 лица, 155 лица беа повредени во различен степен, а доведе до 15 апсења поради неререгуларните услови во ноќниот клуб.

-Заедницата на Мадрид, која ги надгледува двата здравствени комплекси, оваа среда објави дека ќе има евакуации во наредните денови бидејќи на повредените им е потребна „итна“ нега. Ова го соопшти министерот на Претседателството, Мигел Анхел Гарсија Мартин, кој објасни дека регионот на тој начин се става на располагање на погодените од пожарот и на македонските власти кои го активираа механизмот за цивилна заштита на Европската унија за да побараат евакуација на 15 повредени лица со сериозни изгореници. Болниците Ла Паз и Гетафе имаат национално и меѓународно признати единици за грижа на овие пациенти, и затоа се отворени за процесирање на приеми. Од седумте лица кои ќе пристигнат во Шпанија, пет ќе бидат примени во комплексот Фуенкарал, а двајца во оној што се наоѓа јужно од главниот град, наведува весникот „20Minutos“.

Би можело да ве интересира

Смртоносната бура „Марта“ ја потопи Шпанија: Загинаа две лица

Апостолов: Во „Пулс“ гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, ама немаше вентил

Судење „Пулс“: Сведокот Паунов вели „на влезната врата имаше заглавени повеќе лица кои бараа помош“

Горан Наумовски

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Одбраната на дел од обвинетите во „Пулс“ бара преиспитување на обвинението, Шилегов вели „за мене е извесен исходот со ваквиот став на ОЈО“

Страшна бура во Португалија и Шпанија – шестмина загинати, еден милион корисници без електрична енергија

А1он