Седницата за уставните измени презакажана за 15 часот

Од:

Собраниската седница на која треба да продолжи расправата за предлогот за пристапување кон уставни измени ќе продолжи во 15 часот, а причина за тоа најверојатно се разговори за обезбедување двотретинско мнозинство меѓу владејачките партии и опозицијата.

Од Собранието официјално велат дека причина за одложување на почетокот на седницата е пратениците да се соберат во салата, но не се потврдува сеуште информацијата дали се во тек разговори меѓу пратениците или станува збор за нешто друго.

Она што официјално се знае е дека во собраниската зграда е присутен речиси целиот собраниски состав со исклучок на еден или двајца пратеници, вклучувјаќи ги и Сашо Василевски и Љубен Арнаудов кои беа ослободени од домашен притвор.

Во собраниската зграда дојде и премиерот Зоран Заев, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој истовремено е и пратеник.

Дел од медиумите објавуваат неофицијални информации дека е обезбедено двотретинско мнозинство односно гласови од 80 пратеници за пристапување кон уставни измени согласно Договорот од Преспа со кој се предвидува менување на уставното име.

Седницата беше закажана за 12 часот, а по чекање од час и половина одложена за 15 часот. Во салата за пленарни седници почетокот на седницата го чекаа пратениците од СДСМ, дел од пратениците од ДУИ и нивните коалициски партнери, додека нивните колеги од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери беа во ходникот пред салата Македонија каде се одржуваат седниците.

Исходот од денешната седница го очекуваат и бројни новинарски екипи, а зголемено е и присуството на припадници на полицијата во и надвор од објектот на Собранието.

Би можело да ве интересира

Албуљена Хаџиу е избрана за претседател на Собранието на Косово

Горан Наумовски

Собранието ја донесе Стратегијата за безбедност на сообраќајот и над 40 закони по скратена постапка

A1on

Собранието ја изгласа потребата од Закон за проверка на странските инвестиции

Арљинда Хасани Синани e нова вицегувернерка на Народната банка

Горан Наумовски

Собраниска „виза“ за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Гаши: Блокадата на ДУИ е политичко, а не процедурално прашање