Се санираат последиците од поплавите во Чешиново Облешево

Од:

Во општина Чешиново Облешево водата од поплавените подрачја се повлекува во одводните канали кои се ископани низ повеќе населени места, како и во реките. Состојбата се уште е критична со водата за пиење  во населените места Облешево, Чифлик, Чешиново, Уларци и Кучичино каде што  од бунарите и помпите водата е забранета за пиење,  додека населението се снабдува со флаширана вода и вода од цистерни.

– Патниот правец Видовиште – Теранци е оспособен за сообраќај, а патот од Облешево кон Теранци поради попуштање на асфалтот од коловозната лента се одвива на една лента. Механизацијата на Дирекцијата за заштита и спасување ги исчисти каналите во Облешево и водата истекува по нив кон Кочанска река, изјави Костадин Личков, градоначалник на општина Чешиново Облешево.

Мостот на река Брегалница што ја поврзува општината Зрновци со Кочани за минување го употребуваат само пешаци. За сообраќај на моторни возила е забранет. Според  градоначалникот на Зрновци Блаже Станков, со повлекувањето на Брегалница ќе почне и санацијата на мостот.

Патниот правец од Истибања до браната Калиманци од патниот правец Кочани-Македонска Каменица поради одрони, се уште е забранет за сообраќај и возилата поминуваат низ населеното место Бигла кон Делчево.

Во Кочанскиот регион од изутринава врне дожд, но не со голем интензитет. Општинските кризни штабови на Кочани, Зрновци и Чешиново Облешево ја следат состојбата и се подготвени за евентуално дејствување.

Би можело да ве интересира

Нема пријави за излевање на Вардар кај Форино, ниту нови поплавувања на објекти на подрачјето на Кичево

Повторно врнежи денеска, нова закана од поплави

Катерина Ѓуровски

Гостиварското село Форино е најпогодено од поплавите

Мајка и две деца заглавени во една од полавените куќи во Гостиварско

Уште се поплавени домови, дворови, имоти, евакуираните во Кичево и натаму се во спортската сала

Катерина Ѓуровски

Се стабилизира состојбата по обилните врнежи во земјава