Во општина Чешиново-Облешево во тек се градежни работи за проширување на два моста на патот Чешиново-Соколарци, а се изработуваат и пропусти над каналите на патот Облешево-Спанчево.
– Со инвестицијата се градат армирани бетонски плочести носачи со две полиња од двете страни на мостовите, а чија должина е по 7,5 метри. Исто така, се изработуваат и четири каналски пропусти од по 2,2 метри на патот кон Спанчево. Наша цел е да ја подобриме безбедноста за возачите и пешаците, бидејќи токму овие места се познати црни точки на кои најчесто имаме сообраќајни несреќи, изјави градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.
Реализацијата на градежните работи треба да заврши до крајот на месецов, односно пред почетокот на наводнителната сезона во регионот со што нема да се попречи земјоделската механизација околу сеидбата на оризот.
Градежните зафати чинат околу 360 илјади денари, а парите се обезбедени од буџетот на Општина Чешиново-Облешево.