Се продлабочуваат несогласувањата меѓу пратениците од власта и опозицијата за онлајн гласање

Од:

Ќе успее ли владејачкото мнозинство во намерата да изгласа работа на далечина за пратениците болни од Ковид-19 или во самоизолација, или ставањето на дневен ред на Предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието ќе биде само уште еден обид да се натера опозицијата да размисли за оваа опција и да поддржи ваква алтернатива? Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, е ставен на дневен ред на седницата што првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери ја закажа за в четврток, 26 ноември.

По оваа негова постапка, следуваа реакции од опозициските пратеници кои тврдат дека тој ја ставил точката на дневен ред без договор со нив. Координаторите на пратеничките групи не присуствуваа на редовната понеделничка средба, а потоа излегоа во јавноста повторувајќи дека тоа е спротивно на Уставот и дека владејачките партии со овозможувањето онлајн работа сакаат да го покријат и онака тесното мозинство во Парламентот. Тие најавија дека нема да присуствуваат на координативните седници со Џафери и дека нема да помагаат при обезбедувањето кворум за работа на одредени седници.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски потврди дека не присуствувал на координацијата и дека не дале поддршка предлог Деловникот да биде на дневен ред.

Опозициските пратеници, најверојатно, веќе нема да им помагаат на своите колеги од владејачкото мнзоинство ниту за овозможување кворум.

Координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи најави дека тие ќе присуствуваат само на седници со точки на дневен ред за кои ќе проценат дека се од интерес за граѓаните, а не во интерес на политичките партии од власта. Причина за тоа што не присуствувал на координацијата со Џафери е, како што рече, едностраната одлука за ставање на деневен ред на седница на точка за која мнозинството и опозицијата не се ни блиску до договор.

– Ќе се преиспитаме дали ќе одиме на координација при вакви чекори на претседателот на Собранието, рече тој обвинувајќи дека владејачките партии сакаат да ја прикријат нивната несериозност.

Владејачкото мнозинство во Парламентот брои вкупно 62 пратеници, но во последниот период постојано по неколкумина пратеници отсуствуваат поради позитивен тест за Ковид-19 или бидејќи се во самоизолација, а има други кои не се на седниците поради други здравствени проблеми или обврски. Без доволен број пратеници, владејачкото мнозинство не може да носи закони за коишто смета дека се потребни за спроведување на мерките за ковид-кризата, а за кои нема секогаш поддршка од опозицијата. Исто така, е важно да се потецира и дека денеска почнува и комисиската расправа за Буџетот за 2021 година.

И покрај противењето на опозицијата, пратениците од владејачките партии не се откажуваат од носењето на дополнување на Деловникот за работа на Собранието со којшто ќе се овозможи пратеници со Ковид-19 и во самоизолација онлајн да се вклучуваат на седници и на работни тела.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески изјави дека се надева дека сите пратеници ќе го поддржат предлогот на претседателот Талат Џафери и оти и нашиот Парламент ќе функционира како сите во светот во услови на пандемија.

– Фунционално, наспроти блокирано Собрание во секоја смисла, е интерес на сите граѓани. Се надеваме дека сите пратеници ќе ја поддржат измената на Деловникот со цел и во вакви тешки услови да можеме да функционираме како што функционираат сите парламенти во светот, посочува Митрески.

За Деловникот, додава тој, зборуваме од конституирањето на Собранието на сите координации кај претседателот Талат Џафери.

– За јавноста нашиот став е јасен, само пратеници во изолација и заразените со Ковид-19 да имаат можност да работат од далечина и тој став се поклопува со предлогот на претседателот на Собраниет,о Џафери, истакнува тој.

Митрески во средината на октомври го презентираше нивниот предлог за онлајн работа на Собранието, што всушност е речиси идентичен со овој што е на дневен ред в четврток, а го предложи претседателот на Парламентот Џафери.

Со дополнувањата се предвидува во член 30 од постојниот Деловник по ставот 1 да додадат два нови става – 2 и 3, кои се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.

„Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието“.

Во ваков случај, се предлага претседателот на Собранието да ги извести сите пратениците. Исто така Претседателот на Собранието ќе биде должен во евидентниот лист да го запишува пратеникот кој учествува и одлучува на седница од далечина, но и со решението за свикување седница до пратениците да достави известување за пратеникот кој на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Тој ќе мора да пред да ја свика седницата да одржи координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

„При постоење на случај од членот 30 став (2) од овој деловник претседателот на Собранието пред да ја свика седницата одржува координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи. На координацијата се повикуваат и претседателот на матичното работно тело и претседателот на Законодавно – правната комисија заради утврдување на потребата од одржување на седница на работното тело на која пратеникот ќе учествува и одлучува од далечина. Координацијата се одржува најдоцна еден ден пред денот на свикувањето на седницата на Собранието.“

За присутни пратеници на седницата, се предлага да се сметаат и пратениците кои известиле дека на седницата ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.

„Јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собранието со ‘за’, ‘против’ или ‘воздржан’ за прашањето за кое одлучува Собранието“.

Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина.

Собранието, како што се предвидува, на пратеникот ќе мора да му овозможи употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија за учество и одлучување на седница на Собрание од далечина.

„За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско-комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието“, се предвидува со предлогот.

Би можело да ве интересира

Собранието ја заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа во понеделник

А1он

Продолжува собраниската расправа по Предлог-законот за попис

Ана Ололовска

Седници на три собраниски комисии

Ана Ололовска

Продолжи собраниската расправа по Предлог-законот за попис

Жарко Настоски

ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на Законот за попис

Османи побара од Милошоски да ја закаже и седницата на Комисијата за надворешна политика за амбасадорите

Жарко Настоски