Се прават систематски прегледи на сите лица сместени во Специјалниот завод во Демир Капија

Од:

Министрите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче и претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, денеска го посетија Специјалниот завод во Демир Капија каде започнаа превентивни здравствени прегледи за лицата сместени во оваа институција. Прегледите опфаќаат општ систематски преглед, како и целосен гинеколошки, дерматолошки и стоматолошки преглед.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, при посетата на заводот рече дека министерството забрзано работи на деинституционализацијата чија цел е сите граѓани, сите деца да имаат еднакви можности, хумани и достоинствени услови за раст и развој. Додека тече овој процес според Царовска, неопходно е на лицата коишто се сместени во Демир Капија да им се обезбедат подобри услови за живот.

„Систематските прегледи се само еден дел од поголемиот број активности што ги правиме за да обезбедиме достоинствен живот на лицата кои се сместени во оваа институција“, рече министерката Царовска.
Според министерот за здравство Филипче, секој има право на здравствена заштита.

„Со овие активности започнува воспоставување систем за континуирана здравствена заштита на сите лица сместени во различни видови институции“, рече министерот Филипче.

Претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, вели дека УНИЦЕФ заедно со владата и другите партнери веќе работи на трансформирање на сите институции во кои се сместени деца и на нивно згрижување во семејна средина, каде секое дете ќе добие соодветна грижа, љубов и достоинство – нешта што сите ги очекуваме за нашите деца.

„Додека трае тој процес мора да обезбедиме здравствена грижа за децата сместени во институции затоа што тие имаат подеднакви права на здравствена заштита и стоматолошки услуги како и сите други деца“, рече претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

За реализирање на денешниот преглед во Демир Капија беше ангажирана мобилната гинеколошка амбуланта од кумановската болница со лекар и медицинска сестра, како и мобилната единица за систематски прегледи составена од рентген техничар, лаборант и медицинска сестра од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Стоматолошките прегледи ги спроведе тим стоматолози од Здравствен дом – Кавадарци.

Би можело да ве интересира

Земјотрес почувствуван вчеравечер во Демир Капија

Починат српски државјанин пронајден во Демиркаписко, телото на обдукција

Притворен маж од Демир Капија, сопругата го пријавила за физички напад

Изгасени пожарите кај Неготино и Демир Капија – гасеа и авион на ДЗС и хеликоптер на МВР

А1он

Маж загина на кров од вагон кај Демир Капија

Од утре изменет сообраќаен режим на делницата Демир Капија – Неготино поради градежни активности