Распишан е повик за избор на консултант кој ќе го подготви основниот проект за изградба на делницата Крива Паланка – Деве Баир, последна од трите за железничкото поврзување на Македонија со Бугарија. Заинтересираните компании може да се пријават на повикот до 20 следниот месец, по што за 22 месеци ќе треба да биде изработен проектот.
Изработката на основниот проект треба да ја покаже точната сума пари за изградбата на тој дел од пругата, а според првичните проценки инвестицијата би изнесувала 330 милиони евра. Со основниот проект се комплетира проектната документација за железничкиот дел од Коридорот 8, кој го опфаќаат и делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, каде активностите се во понапредна фаза. Во март годинава почна обновата на 31 километар на делницата Куманово-Бељаковце. Изградбата ќе чини 39 милиони евра, а компанијата „Вибе“ треба да ја заврши до третиот квартал на 2016 година.
За делницата Бељаковце – Крива Паланка, во должина од 34 километри, е потпишан договор за изработка на основен проект со компанијата „Обермаер Хелас ЛТД“. Претквалификацијата за избор на градежна фирма ќе почне следниот месец, квалификацијата на фирмите коишто ќе влезат во изборот во март, а договорот со компанијата која ќе ги врши градежните работи ќе се потпише во август следната година. Градежните работи треба да почнат во првиот квартал на 2016 година, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Инвестицијата за втората делница ќе изнесува 145 милиони евра, што целосно ќе бидат обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Преговорите се завршени и се очекува Министерството за финансии во ноември да го потпише договорот за заемот.
За неизградениот дел пак од западната железничка траса на Коридорот 8 пругата Кичево – Лин, Албанија, во должина од 60 километри, е потпишан договор за изработка на изведбениот проект и дизајн со конзорциум од шпанската фирма „Типса“ и француската „Луи Берже“. Првичните проценки се дека изградбата ќе чини 350 милиони евра, но точниот износ ќе се знае по изработката на документацијата. Очекувањата на надлежните институции се железничкото поврзување со Бугарија и Албанија да се реализира најдоцна до 2022 година.
– Стратешка определба на Владата е финализирање на оската исток-запад на нејзина територија, односно железничкиот дел од Коридорот 8, кој е заеднички приоритет за сите земји од регионот за поврзување на транспортните текови од Јадранското и Јонското море со оние од Црно море, истакнуваат од Министерството за транспорт и врски.
Од ресорното Министерство очекуваат до крајот на годинава да заврши и изборот на компанијата која ќе врши обнова, надградба и реконструкција на 10 железнички станици долж Коридорот 10, вклучувајчќи го и кракот 10-д. На повикот се пријавија девет домашни и странски компании и во тек е евалуацијата на понудите. Со проектот ќе бидат опфатени железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино-Вардар. На Железничката станица Скопје, веќе се реализирани 30 до 40 проценти од планираните активности за обнова, а треба да завршат до мај следната година.