„СДСМ е горд на постигнувањата за време на нашиот мандат од 2017 до 2024 година, кога преку реформски мерки значително ја подобривме состојбата во земјата како и состојбата со човековите права. Анализата на меѓународните индекси јасно покажува дека токму овој период бил обележан со напредок во областите на владеењето на правото, слободата на изразување и граѓанските слободи. Според индексот на Freedom House „Freedom in the World“, резултатот се зголемил од 4/3 (политички права/граѓански слободи) во 2017 година на стабилни 67–68/100 до 2023 година, со подобрување во политичките права од 4 на 3“ соопштија попладнево од опозициската СДСМ.
Од партијата велат „слично, World Justice Project „Rule of Law Index“ покажува подобрување на рангот од околу 70/113 во 2017 година на 67/142 во 2024 година, со резултат што растел секоја година за време на владата на СДСМ. V-Dem „Human Rights Index“ се зголемил од 0.78 на околу 0.82, нагласувајќи подобра заштита на слободите на здружување и изразување. Овие резултати се директна последица на нашите реформи и зајакнувањето на медиумските слободи, поддржани со активно ангажирање во ЕУ интеграциите“.
„Меѓутоа, повторното доаѓање на ВМРО на власт во мај 2024 година веќе покажува знаци на влошување, што се гледа во благ пад на резултатите во 2024–2025 година. Според Freedom House, резултатот паднал од 68/100 во 2023 година на 67/100 во 2024 година, за само неколку месеци владеење на режимот на ВМРО/ЗНАМ тендер коалицијата, со критики за корупција и притисок врз медиумите. Особено загрижувачка е состојбата во областа на медиумите, каде што се гледа повторен пад сличен на оној од периодот до 2017 година, кога под режимот на ВМРО, рангот на Reporters Without Borders „World Press Freedom Index“ паднал на 116. место во 2013 година“ е ставот на СДСМ.
Потенцираат дека „во нашиот мандат рангот се подобрил од 111. место во 2017 година на импресивно 36. место во 2024 година. Меѓутоа, во 2025 година, рангот паднал на 42. место, што укажува на растечки притисок врз новинарите, дезинформации и намалување на довербата во медиумите. Ова влошување се гледа и во ЕУ извештајот од 2025 година“.
„Да не бил периодот на владата на СДСМ, а да останеле на власт Никола Груевски и Сашо Мијалков, со својот авторитарен пристап, веројатно би довеле до продолжување на работата на комисијата на уште 25 години поради кршење на демократските стандарди, корупција и притисок врз институциите. Денес, нивниот ученик, Мицкоски, продолжува таму каде што тие застанале, со силна анти-ЕУ кампања која е во полн ек и која ги загрозува интеграциите. Ова денешно укинување на комисијата е премин на друг вид известување: Комисијата е укината, но Советот на Европа (и ЕУ преку своите механизми) и понатаму ја следи состојбата преку периодични прегледи на сите членки, годишни извештаи и можност за повторно отворање на мониторинг ако дојде до назадување во човековите права или демократијата“ тврдат од СДСМ.