Власта како никогаш досега на дело ги покажува своите недемократски карактеристики на владеење. Според критериумите на ВМРО ДПМНЕ, во Македонија станува вистинско богохулење ако граѓаните јавно манифестираат било какво незадоволство, вели потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев.
Така, лекарите се под невиден притисок затоа што не се согласуваат со политиките на министерот за здравство, власта се обидува на секаков можен начин да ги девалвира автентичните граѓански иницијативи, па дури со судски одлуки се забранува уставното право на штрајк.
Во режија на ВМРО ДПМНЕ, како печурки никнуваат квази иницијативи чија единствена задача е да организираат контра протести преку кои актулената власт свесно ги понижува граѓаните.
Последен доказ за тоа е таканаречената иницијатива “изгор приватизација“ која ВМРО ДПМНЕ ја формираше како одговор на автентичното граѓанско здружение “АМАН“.
Впрочем, ако навистина сакаа да протестираат против “изгор приватизација“ тогаш ќе протестираа пред “ОКТА“ која е најкриминалната приватизација во Македонија и која ја аминуваше токму Никола Груевски.
Не само што граѓаните не наседнуваат на ваквите трикови, туку и самите партиски активисти јавно во камера признаа дека се организирани од ВМРО ДПМНЕ и донесени со автобуси, притоа без точно да знаат за што протестираат.