Интегрален текст од соопштението на Советот за култура на СДСМ по повод Нацрт-законот за поттикнување на домашното творештво во забавната и народната музика:
Советот за култура при СДСМ најостро реагира на вплеткувањето на Министерството за култура во новата мрежа на корупција на владеачката партија насочена кон нова категорија гласачи, овојпат од областа на популарната култура. На сличен начин како и при системското поткупување на другите целни групи: театарџиите, т.н. национални пензионери, но и земјоделците и студентите, се очекува овој чин да создаде мултипликаторски ефект бидејќи задоволството на музичарите и изведувачите би требало да се пренесе на нивната публика. Со тоа Министерството наместо да се посвети на наталожените проблеми во културниот систем на Македонија, се меша онаму каде што не му е местото, во комерцијалната индустрија на забава.
Министерствата за култура во сите земји ги поттикнуваат оние делови од културата што имаат високи естетски вредности и што не можат да опстојат во услови на пазарна економија. Не е познат пример каде што на ваков начин се поттикнува творештво што треба да е масовна култура и кое што подлежи на правилата на пазарот (ХИТОВИ НЕ СЕ СОЗДАВААТ ПО НАРАЧКА! А, КОГА СЕ СОЗДАВААТ НИМ НЕ ИМ Е ПОТРЕБНА АЛИМЕНТАЦИЈА ОД ДРЖАВАТА!)
Овој Нацрт-закон ќе предизвика серија несогледливи штети по културниот систем во земјава (ако остана таков). Тоа веќе стана препознатлив стил на владеачкиот режим. Вкупните средства што се издвојуваат за поттикнување на класичното музичко творештво (преку Сојузот на композиторите на Македонија и, последниве две-три години преку индивидуални проекти или нарачки) е приближно околу десетина илјади евра, што е околу 40 пати помалку од средствата предвидени за поттикнување на оваа масовна култура во една година. Вкупните средства (200 песни годишно со просечни суми од околу 2000 евра) за време на траење на законот се околу 2 милиони евра.
Ова е всушност, уште еден мега-корпуциски скандал. Очигледно е дека „инвентивноста“ на партијата на власт во користењето на народните пари за партиски цели е непресушна. Не станува збор за намера да се поттикне творештвото, ами за провиден начин државни средства да влезат во џебовите на естрадните уметници користени за партиски кампањи. Лицата што можеа да се видат на екраните, се главно оние што пееја на митинзите на владејачката партија или кои што читаа рекламни спотови за кандидатите на владејачката партија. Наместо вакви провидни, перфидни и дрски начини на злоупотреба на народните пари, Советот за култура на СДСМ предлага Владата да посвети поголемо внимание на ефективно враќање во функција на Музичката продукција на МРТ, со сите нејзини ансамбли, со целиот нејзин капацитет и со веќе докажаните стандарди. Таквото враќање на Музичката продукција, со соодветна финансиска поддршка ќе биде вистинскиот одговор на потребата од квалитетна продукција и поддршка на творештвото од подрачјето на популарната музика. Еден од најспорните аспекти на законот е промовирањето на сомнителна, квази-конзервативна агенда на семејни вредности што е неспоиво со забавниот карактер на поп културата. Очекуваме Министерството за култура да ги решава вистинските проблеми, а бројот на новороденчиња да го остави во доменот на приватните радости на македонските граѓани.