СДСМ сочувствува со семејството на убиеното 18 годишно момче, Ангел Петковски и уште еднаш изразува длабоко и искрено сочувство.
„Загубата на овој млад човечки живот е трагична и ненадоместлива за родителите, но голема загуба и за општина Ѓорче Петров, и за Град Скопје, и за Република Македонија.
СДСМ се воздржа од политички оценки, во насока на апелот што го испративме за покажување зрелост, во функција на смирување на тензиите.
Меѓутоа, вчерашната вечер во Ѓорче Петров донесе нешто страшно, што води кон последици од коишто нема назад и на коишто СДСМ како одговорна политичка партија мора да укаже.
Вчера во Ѓорче, полицијата под наредба на насилната власт на Никола Груевски, го тепаше својот народ.
Ударите на пендраците не поштедија ни жени, ни деца. Некои родители сеуште незнаат зошто се нивните деца цела ноќ задржани по полициски станици.
Вчера во Ѓорче, медиумите беа насилно спречени да ја извршуваат својата работа, а граѓаните да ја знаат вистината, како во најрежимските системи“, изјави Оливер Спасовски, Генерален секретар на СДСМ.
„Освен што беа недозволиво навредувани професионални новинари, беше одземен и избришан службен фото и видео материјал.
Вчера, власта на Груевски, се обиде да ја сокрие вистината дека им се случува протест на револтирани граѓани.
Затоа лажеа дека зад протестот наводно стоела опозицијата.
Зашто Никола Груевски и Гордана Јанкуловска треба да дадат важни одговори:
-Зошто нивните институции молчеле и не реагирале со месеци на жалбите од граѓаните на Ѓорче Петров дека имаат проблеми со кражби?
-Дали граѓаните во недостиг на правда и правна држава се дојдени до степен да мораат самите да се бранат?
-Дали 18 годишниот Ангел Петковски е жртва на нефункционалниот партизиран систем на власта на Груевски?
-И која жртва по ред е младиот Ангел“, праша Спасовски.
„Вчерашната вечер во Ѓорче Петров, со сите обиди да биде сокриена, покажа дека трулиот систем на Никола Груевски нема капацитет да одговори на проблемите во државата.
Дека проблемите во Македонија се резултат токму на нефункционирањето на институциите на власта на Никола Груевски.
Таа власт ги затвора очите пред проблемите, калкулира со нив, ги става под тепих и ги вади кога има политичка потреба од тоа, како што тоа го направи вчера.
Социјалдемократскиот сојуз бара од Никола Груевски и од Гордана Јанкулоска веднаш да престанат да се занимаваат со манипулации, да ги тргнат рацете од народот и медиумите и да се фатат со работа.
Нивна работа сега е да ја смират ситуацијата во којашто ја внесоа Македонија, со своите незрели политики.
Во спротивно ќе се потврди дека тие свесно креираат криза“, рече Оливер Спасовски, Генерален секретар на СДСМ.