Саздов: Еден глас во дијаспората вреди како десет во Македонија

Од:

Пратеникот, Павле Саздов, кој во Собранието ги претстава македонските државјани кои престојуваат во САД и Канада, за „А1он“ вели дека постоечкиот модел за гласање на дијаспората е правилен и покрај бројните реакции изминатиов период кои бараат суспендирање на ова гласање или цензус при изборот на пратеник. Саздов посочува дека на иселениците им е отежнато гласањето на изборите и дека тоа е причината зошто пратениците од дијаспората добиваат мандат со многу помал број гласови од пратениците во Македонија.

-Со постоечките правила на игра еден глас во дијаспората вреди како десет во Македонија. Јас сум убеден дека доколку условите и правилата на игра се еднакви, пратеници од дијаспората ќе бидат повеќе од три – вели тој.

-Точно е тоа дека со постоечкото законско решение постои разлика во поглед на потребните гласови за пратенички мандат, но исто така различни се условите. Мал број на избирачки места, нивна одалеченост од иселениците некогаш и со илјадници километри, дополнителниот товар за претходна регистрација на гласачите, како и долготрајноста на постапката за добивање биометриски пасош во дијаспората придонесуваат за помал број на гласачи – образложува тој.

Саздов е веќе два мандати пратеник во Собранието, а на последните избори своето пратеничко место го доби со 844 гласа. Член е на ВМРО-ДПМНЕ и магистер на науки од областа на информациско-комуникациските технологии. Според истражувањето на невладината МОСТ за работата на Собранието за последната година, ниту еден од тројцата пратеници од дијаспората во текот на оваа година не поднел никаков предлог закон или амандман. Саздов изминатава година имал само едно излагање на пленарна седница.

На ставовите дека треба да се укинат претставниците на дијаспората во Собранието затоа што иселениците немаат посебен интерес од работата на законодавниот дом, Саздов вели:
-Постојат повеќе начини на кои дијаспората во други земји учествува на избори. Македонија како и Хрватска, Франција и други земји го одбра моделот на директни претставници. Мое мислење е дека го одбравме вистинскиот модел бидејќи гарантира дека гласот на иселениците е канализиран кон свој претставник кој пак е одговорен пред своето гласачко тело. Не е точно дека иселеници не се засегнати од домашната политика, напротив тие досега покажаа особен интерес за повеќе прашања. Повеќето поседуваат имот, водат бизнис, патуваат во Македонија, вршат увоз на возила, опрема и т.н. така што сите закони поврзани со оваа и друга проблематика ги засегаат.

Тој објаснува како го остварува пратеничкиот ангажман кај своите претставници и додава дека пратениците од дијаспората работат многу повеќе од некои пратеници избрани во Македонија.

-Нашата работа се одвива во Собранието но многу повеќе надвор од него. Преку нас иселениците се запознаени и навремено информирани за случувањата во татковината. Ни се обраќаат со многу прашања и проблеми кои во од ги решаваме. Преку посетите и отворените трибини кои ги организирам имаат можност директно да се обратат до својот пратеник, да се информираат за одредени закони, проекти и постапки. Понатаму, освен комуникацијата со иселениците која е многу значајна, остваруваме средби со наши колеги пратеници, лобираме за Македонија. Па во две години имавме две државнички посети на Македонија од страна на спикерот на канадскиот парламент како и спикерот на сенатот на Канада. Кога ќе се земе во предвид целокупната наша активност, верувајте ние работиме многу повеќе од одредени пратеници избрани во Македонија – посочува тој.

Гласањето на дијаспората, како и изборниот законик и составот на ДИК, е на преговарачка маса меѓу работните групи за имплементација на препораките на ЕУ. Според брифинзите од партиите, за сега ништо не е одлучено по ниедно од овие прашања. ДУИ и ДПА, како што е познато, сметаат дека треба да се укине гласањето на иселениците, додека СДСМ застапува став дека гласањето треба да се овозможи, но дека мандат би добил само оној кандидат од дијаспората кој би обезбедил 8.000 гласа. Во спротивно, велат од таму, се нарушува принципот на еднаквост на глас.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада