Железничкиот сообраќај Табановце – Гевгелија се одвива непречено, по санација на дефектот на бетонскиот мост на Црна Река.
„Санацијата и поправката на настанатиот дефект на бетонскиот мост се направени според пропишаните стандарди. Извршени се специјални прегледи и испитувања со пробно товарење согласно член 27 од Правилникот за начинот на одржување, начинот на водење на евиденција и користење на податоците од евиденцијата на долниот строј на пругите“, соопштија од Владата.
Во процесот на санација и поправка на дефектот извршени се повеќе активности како што се заштита од понатамошно поткопување на двата средни столба, изработени се бунари за преземање на товарите од мостовската конструкција кај првиот среден столб, извршено е армирање и бетонирање на темелните греди и бетонските платна и подигната е мостовската конструкција на потребната нивелета.