Претседателите на парламентите од земјите на Западен Балкан заедно со претседателот на Европскиот Парламент и претседателите на португалскиот и словенечкиот парламент, кои го претставуваат сегашното и претстојното претседателство со Советот на Европската унија, вчера во рамките на Вториот самит „Европскиот Парламент – Западен Балкан“ потпишаа заедничка декларација во која го повикуваат Советот на ЕУ да ги исполни своите ветувања и итно да преземе одлучни активности за забрзување на процесот на проширување.
– Нагласуваме дека Европска перспектива и процесот на пристапување во ЕУ заснован на заслуги на Западен Балкан остануваат на сопствениот политички, надзорен и економски интерес на ЕУ, потсетуваме дека проширувањето останува повеќе од кога било геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа, се потенцира во декларацијата.
Претседателите на парламентите ја потврдуваат централната улога на парламентите во процесот на проширување, како и посветеноста на заедничката соработка за понатамошно зајакнување на парламентарната димензија, вклучително и во поглед на Самитот ЕУ-Западен Балкан во 2021 година.
-Нагласуваме дека парламентите треба дополнително да ја унапредат својата улога како инклузивни простори за дијалог и размена на ставови, поттикнувајќи меѓусебно разбирање и помирување на Западен Балкан, со што директно придонесуваат за мирот, стабилноста, напредокот и посилната демократија во регионот, се наведува во заедничката декларација.
Парламентите се обврзуваат на унапредување на култура на меѓупартиски дијалог и консензус во клучните реформски области, вклучувајќи владеење на правото, фундаментални права и зајакнување на демократските институции со цел да напредуваме на нашиот европски пат, се нагласува дека независноста на судството, плурализамот, слободата на медиуми, родовата еднаквост и инклузивниот пристап кон граѓанското општество се суштинските европски вредности кои што треба постојано да се поддржуваат и ја истакнуваме важноста на борбата против дезинформации и лажни вести кои го загрозуваат мирот и заемното разбирање во и меѓу општествата.
-Ја обновуваме нашата заложба за зајакнување на парламентарната демократија работејќи заедно преку меѓупарламентарни дијалог и користејќи ја поддршката на Европскиот Парламент во областа на медијација и дијалог, градење на парламентарни капацитети, набљудување на изборите и активности за човекови права, стои во документот.
Во декларацијата се изразува благодарност за делата на солидарност и соработката помеѓу Европската Унија и Западен Балкан во борбата против пандемијата КОВИД-19 и нејзините последици, а се поздравува и, како што се наведува, досега невидената финансиска поддршка од ЕУ во корист на Западен Балкан, што ги потврдува напорите на Унијата да придонесе за одржлив развој и долгорочно социо-економско закрепнување на регионот.
Во декларацијата се нагласува важноста на функционалната пазарна економија и заедничкиот регионален пазар како камен – темелник на социо-економската отпорност и Европската интеграција на целиот Западен Балкан, се искажува посветеност за олеснување на спроведувањето на Економскиот инвестиционен план за Западен Балкан на ЕК, како и иницијативите одобрени во Софија, во ноември 2020 година – основата за Заедничкиот регионален пазар, Зелената агенда за Западен Балкан и зајакнувањето на дигитализацијата, младинската соработка – со цел да се обезбеди одржлив економски развој и да се постигнат европските стандарди.
-Ги препознаваме предизвиците кои ги предизвика пандемијата со КОВИД-19 во секојдневното функционирање на Парламентите и ја поздравуваме еластичноста и капацитетот за прилагодување на нашите институции. Подвлекуваме дека најважно е што нашите Парламенти ја сочуваа својата улога во време на пандемија и во времето по пандемијата преку целосно извршување на нивната улога во законодавството, истрага и надзор, се посочува во декларацијата.
Се нагласува важноста од вклучување на претставници на Парламентите, граѓанското општество и граѓаните на Шестката од Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа.
Парламентите со Декларацијата се обврзуваат да се вклучат и заедно да работат во насока на унапредување на законодавството и градење на капацитетите на релевантните комисии за следење на заштитата на животната средина, усогласување на законодавството со ублажувањето и прилагодувањето за климатски промени во согласност со Парискиот договор и Европскиот зелен договор, еднакво да се посветат на зголемувањето на еластичноста на регионот на Западен Балкан во однос на климатските промени со намалување на штетните практики, спречување на загадувањето и деградација на реките и морињата и спроведувањето на строгите политики за заштита на биодиверзитетот.