Обвинителката Вилма Русковска и обвинетите во 27 април се скараа за докази кои Обвинителството ги предлага во дополнување на доказна постапка, а Кривичен суд ги прифати. Станува збор за податоци обезбедени со вештачење на мобилни уреди. Додека Русковска тврдеше дека овие докази ги немала до 2020 година, Јанакиески кажа дека тој ги знае уште две години претходно, кога таа му ги посочила на распит во својство на сведок во април 2018 година.
Според Јанакиески, доказите по втор пат ги видел и во 2019 година, кога добил својство на обвинет, но ни тогаш тие не се ставени во листа на докази. Станува збор за пораки меѓу Јанакиески и ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска кои ги разменувале два месеци пред да се случи крвавиот упад во Собранието.
Пораките од мобилните се обезбедени во 2018 година, потврди и вработен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, Марјан Димовски. Во 2020 година, била доставена и копија до Обвинителството со кое раководи Вилма Русковска.
„Извештајот е од 26.06.2018 година по наредба на Катица Јанева, од Специјалното јавно обвинителство. Во ноември 2020 година, не можам точно да се сетам, доставивме копија од вештачењето по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Немам лиценца за вештачење издадена од Министерството за правда, не сум регистриран во регистарот на вешти лица“, изјави сведокот Димовски.
Судењето за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Вилма Русковска.
Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директорот на УБК Владимир Атанасовски.
Според обвинението тие се осомничени за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.