Рокас: Корупцијата е голем предизвик за земјата, потребна е забрзана промена за постигнување на реформите

Од:

На Конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, истакна дека корупцијата е голем предизвик за државата и дека е потребна забрзана промена за постигнување на реформите. Заменик амбасадорката на САД, Никол Варнес, нагласи дека борбата против корупцијата е суштинска за економскиот развој и социјалната доверба. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, пак, посочи дека транспарентноста и спроведувањето на законите се клучни за успешна борба против корупцијата.

Рокас нагласи дека борбата против корупцијата е клучна за напредокот кон Европа и дека е потребна забрзана промена за да се постигнат поставените реформи.

-Корупцијата продолжува да биде предизвик, таа длабоко навлегува во порите на општеството и на граѓаните. Исто така, имаме и заложби за борба против корупцијата која што е напредок за патот кон Европа. Претходните влади исто се бореа против корупцијата, меѓутоа, тоа е задача на целокупното општество. Секоја институција, секој граѓанин има своја улога. Реформите бараат промена на менталниот склоп во рамки на институциите, во рамки на правниот систем, како и во менталниот склоп на поединците, рече Рокас.

Амбасадорот Рокас истакна дека Европската Комисија обезбедила препораки во извештајот за земјата, владеењето на правото и Судскиот совет, кои се вклучени во Реформската агенда. Тој нагласи дека агендата не само што ги идентификува конкретните рокови и цели, туку се неопходни финансиски средства за исполнување на планот на патот кон Европа.

-Нам ни е потребна поголем напредок за да го зајакнеме владеењето на правото и да воведеме нови законски основи како што е новиот Кривичен законик, а сето тоа е од клучно значење. Гледаме охрабрувачки знаци за активности преземени во однос на истражни постапки, апсења и правосудни пресуди. Исто така, и во одземање на нелегално стекнат имот. Но, важно е судовите, правосудните органи и полицијата да ги преземат своите одговорности, а правосудните власти мора да бидат соодветно финансирани за тоа. Државниот буџет мора да вклучува и финансиски средства кои што се веќе предвидени во одредени законски акти и тоа да биде опфатени исто така и во Реформската агенда, рече тој.

Според него, независното судство и регулаторните тела бараат и надзор кој што може да се обезбеди преку финансиска независност во една глобална рамка.

-Независноста на судството може да се гарантира не само преку финансиска независност, која ќе биде вградена во структурната рамка, но и со отсуство на злоупотреба на службените должности .Актерите мора да престанат да се мешаат во работењето на судовите и правосудните органи, и тоа да не се прави за политички цели, нагласи Рокас.

Никол Варнес

Никол Варнес, заменик амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија истакна дека ова меѓуресорско тело не само што е важно, туку е од суштинско значење.

-Борбата против корупцијата е еден фактор којшто ги дефинира развојот на економијата, социјалната доверба и конкурентноста на земјата на глобалната сцена. Ова меѓуресорско тело не само што е важно туку е од суштинско значење. Да не дозволиме поткупот да ги дефинира договорите, сето тоа да биде базирано на заслуги. Економскиот раст се заснова на доверба во институциите, во владеењето на правото, како и во еднаква распределба на улогите, рече таа.

Варнес истакна дека неефикасниот правосуден систем и бавното решавање на правосудните предмети ја еродираат довербата. Според неа, зајакнувањето на правосудните органи бара реформи, активности и пред сè политичка волја.

-Ова меѓуресорско тело има можност и одговорност да ги придвижи вистинските реформи, со кои ќе се зајакне отчетноста и ќе се зголеми транспарентноста и ефикасноста на правосудните органи. Ова не се само законски или владини одлуки, туку тоа се однесува на генерирање работни места, зголемување на платите и раст на економијата во Северна Македонија, рече таа.

Варнес заклучи дека без политичка волја, неефикасноста ќе го наруши прогресот и дека е потребна заедничка напорна работа за постигнување на вистински промени.

Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје посочи дека мора да напредуваме во борбата против корупцијата и транспарентноста и тоа треба да се заснова на три стобла – спроведување на законите, образованието, соработка и координација.

Вал истакна дека Државната комисија за спречување на корупција ги презентирала прелиминарните резултати на спроведување на националната стратегија за борба против корупција, што покажува дека само 18 проценти од планираните активности за 2024 година се исполнети, што, како што рече, е причина за загриженост.

Килијан Вал

-Зајакнување на институционалните капацитети, партнерствата помеѓу релевантните чинители и построг надзор врз работата на Собранието ќе придонесе да се подобрат овие резултати, рече тој.

Вал заклучи дека мисијата на ОБСЕ има цел да ги ангажира институциите да направат политика за интегритет, да се зајакне вработувањето врз основа на заслуга и компетенции и да се воспостават највисоките стандарди при вработувањето. Тој истакна дека мисијата ќе ја поддржи меѓуресорната соработка меѓу владините и правосудните органи и ќе даде поддршка во донесувањето одлуки со цел да се врати довербата во државните институции.

-Ќе помогнеме во борбата на Владата против финансискиот криминал и ќе се зајакнат механизмите за одземање на нелегално стекнат имот. Нашата соработка е заедно со Националната стратегија и нејзините меѓународни обврски со цел да се зајакнат нивните напори да се бориме против корупцијата и да се зајакнат финансиските инструменти, посочи тој.

Заклучи дека со ова ќе се зајакне институционалната отпорност, ќе се промовира транспарентноста и ќе се овозможи владеењето на правото.

Во Владата денеска беше конституирано Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата кое има одговорност да воспостави координација меѓу сите клучни институции за борба против корупцијата.

Според премиерот Христијан Мицкоски, ова тело претставува чекор напред во обидот да се воспостави функционален и синхронизиран систем, кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. На конститутивна седница, тој истакна дека ова тело нема да биде само уште една административна конструкција.

Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, кој претседава со Меѓуресорското тело, дополни дека ова меѓуресорско тело нема да биде само форум за дискусија и дебата туку ќе стане механизам за посебен притисок за да се спроведуваат законите и антикорупциските стратегии.

Би можело да ве интересира

Рокас: ЕУ како партнер на Македонија е тука со поддршка и помош од првиот миг

Рокас: Има интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија

Горан Наумовски

Азески – Рокас: Приватниот сектор ќе биде еден од клучните двигатели на евроинтегративниот процес на земјата

А1он

Рокас: Неопходно е воспоставување на закони и механизми кои ги штитат и поддржуваат правата на жените

А1он

Рокас: Напорите на САД за забрзување на евроинтеграциите се повеќе од добредојдени

Рокас: Соработката меѓу Македонија и Бугарија сега е повеќе важна е кога и да било