Родителите на жртвите од Кочани денеска се сретнаа со директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, но без конкретни одговори за резултатите од анализите.
Таткото на починатата Надица Наунова, Александар Наунов, изјави дека директорот не може да открива детали, бидејќи конечниот збор го имаат судските вештаци. Тој посочи дека анализите за сите починати се веќе изработени и доставени до Обвинителството, а семејствата ќе мора да чекаат резултатите да бидат презентирани во рамки на судската постапка.
Ова го потврди и директорот Станков, нагласувајќи дека поради тоа што станува збор за доказен материјал, не е дозволено јавно споделување на информации пред тие да бидат изведени пред суд.
