Робе: Членството на Македонија во НАТО битен чекор за стабилноста на регионот

Од:

Придобивките од членството во НАТО се безбедност, демократија, слобода, економски раст. Со влезот во Алијансата се става печат на натамошното членство во ЕУ, а пристапувањето кон овие две организации е значајно за натамошниот развој на Македонија, се заклучоците од дебатата „Спроведување на НАТО принципите во Македонија“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Рајнхолд Робе, поранешен член на германскиот Бундестаг и Омбудсман на Армијата на Германија на дебатата рече оти очекува и е оптимист дека Македонија ќе стане членка на НАТО, што ќе претставува битен чекор не само за стабилноста на земјата, туку и на целиот регион.

– Ова го велам за да ги разубедам скептиците. Северноатлантската алијанса не беше основана за да води војни и да изнаоѓа воени средства за решавање на политички прашања. НАТО е заедница на демократски држави кои негуваат заеднички вредности, посочи Робе.

Изрази задоволство што, како што кажа, е донесено прагматично решение за решавање на проблемот со името со Грција.

– Сега Македонија е исправена пред можноста да стане дел од НАТО и од ЕУ и ништо не и стои на патот за постигнување на таа цел. Како што кажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг поканата за НАТО не е јазична флоскула туку е сериозна. Ако референдумот на 30 септември е успешен, тогаш овие чекори неминовно ќе бидат спроведени, децицен е Робе.

Наведе дека постојат и одредени предуслови кои треба земјата да ги исполни, а тоа се реформи во правосудството, владеење на правото. Посочи и дека со приклучувањето кон НАТО, Македонија ќе даде многу важен придонес и во надминување на други прашања на Балканот кои се појавија по падот на Железната завеса.

Членството во Алијансата, рече Робе, е „поврзано и со перспективното членство на Македонија во ЕУ“, и ја посочи важноста од вклучување на граѓанското општество во целиот овој процес на дебати.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска наведе три значајни предности од членството во НАТО. Прво, рече, тоа е безбедноста, која, посочи, не треба да се сведе само на опасност од конфликти.

– Членството во НАТО ќе има влијание и врз статусот, положбата и квалитетот на вооружените сили, рече Шекеринска.

Според неа, втората и многу важна предност од членството во НАТО е економското зајакнување.

– Влезот во НАТО го гледам како потврда дека бизносот, домашните и странските компании не треба повеќе да се грижат за безбедноста во земјата. За првпат во Македонија оваа година износот на странски инвестиции е два и пол пати поголем. Членството во НАТО вообичаено оди со зголемување на растот на економијата, зголемување на вработувањата…, рече Шекеринска.

Третата предност, посочи министерката, која е подеднакво важна, е тоа што членството во НАТО го олеснува пристапувањето кон ЕУ, со што ги забрзува процесите во тој правец.

– Македонија е во трка со времето и секој изгубен месец може да ја стави државата во поинаков контекст, рече Шекеринска.

Заклучи дека секој граѓанин ќе има шанса да и помогне на државата за да ја оствари својата стратешка цел, а тоа е на 30 септември да избере Македонија да стане 30. членка на НАТО.

Националниот координатор на Македонија за НАТО Стево Пендаровски, се осврна на неколку важни придобивки од членството во НАТО – солидарноста, демократијата, слободата, плурализмот, добрососедските односи, толеранција кон различностите.

– Земјите-членки на НАТО во просек се најдемократски и најпросперитетни, а каде што има голема стапка на просперитет и демократија има и стабилност. Не постои земја членка на НАТО која од демократија станала диктатура. Членките имаат и неколку пати поголем индекс на слобода споредено со која било друга организација на кој било континент, и имаат поголем степен на демократија од моментот кога пристапиле во НАТО, посочи Пендаровски, посочувајќи оти ги наведува овие придобивки за да ги приближи вредностите и стандардите на НАТО кон обичниот граѓанин.

Истакна и оти членките на НАТО се подеднакви во донесувањето одлуки, секој глас на секоја членка е важен, во НАТО не командува една држава, а тоа Македонија, како што кажа, го искусила најдобро во негативна смисла во 2008 со ветото на Грција на поканата.

Пендаровски посочи и дека главните закани на НАТО се тероризмот со религиски предзнак и кибер нападите.

Би можело да ве интересира

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски