Римокатолиците го слават Велигден

Од:

Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.

На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на верските заедници, граѓанските власти и дипломатскиот кор и личности од јавниот и општествениот живот.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата и внесување на воскресната свеќата во катедралата.

Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.

Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.

– Драги браќа и сестри!Велигденскиот пост, во римскиот обред, го започнавме со посипување пепел на нашите глави како знак на покајание и свест за сопствената ранливост и минливост, но и за нашата грешност, што нè охрабрува да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец, изворот на секое добро.

Како и во претходните години, за жал и оваа година, за време на подготовките за прославата на празникот Воскресение Господово, слушаме вести што ни доаѓаат од подрачја зафатени со војна. Во февруари го започнавме нашето Велигденско патување кон прославата на Христовото Воскресение и во нашите умови и во потсвеста некако постојано се појавува и избива на површина фактот дека токму во овој месец се одбележува четири годишнината од почетокот на големата инвазија врз Украина, со што започна војната, која, како што вели папата Лав XIV, „како рана беше нанесена на целото човечко семејство“ и остави лузни врз многу генерации. Со голем копнеж и емпатија за сите оние што страдаат, постојано ги упатуваме нашите повици до Творецот на човештвото да ги охрабри срцата на оние што се одговорни за ова насилство да тргнат по патот на преобразување и да вложат напори за барање и воспоставување праведен мир.

На Блискиот Исток, крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата каде што била пролеана, а нов конфликт веќе повторно се разгоре, ширејќи се во околните земји, со насилство и уништување, продолжувајќи да шири омраза и страв, што предизвикува кај нас загриженост. Христијаните во овие земји, исто така, како „мало стадо“, се обединети во човечко братство со други народи и заедници во земјите погодени од војната и доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за нивните животи. Среде ваквото страдање, папата Лав постојано повикува на молитва за мир за да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да му се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народите.

Драги браќа и сестри, ние сме мал народ во оваа земја кој заедно со другите народи формира големо човечко семејство, но нашето мислење веројатно тешко ќе може да се пробие на меѓународно ниво во „игрите“ резервирани само за големите и силните. Исто така, како католичка заедница, ние претставуваме малобројност во нашата татковина, па затоа нема да биде лесно до светот да допре нашата заложба за градење мир, но сепак, свесни сме дека имаме голема сила што може да направи големи работи. Таа сила е Исус Христос. Тој е и нашето богатство. Исус Христос, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението, и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме. За ова сведочат и светли личности од историјата на нашата Црква, како што е нашата светица, Света Мајка Тереза од Калкута, родена тука, во Скопје. Еднаш ја прашале што направила „големо“ во светот, а таа одговорила дека не прави големи работи, туку „мали работи со голема љубов… Она што го правиме е само капка во океанот. Но, без нашата работа, океанот би бил посиромашен за таа капка“. Ова е вистината што нè води. Ние сме семе посеано на огромно поле, семе што раѓа богат плод. Тоа е семе на сочувство и љубов, а преку нас Бог е присутен на овој свет.

Точно, она што Бог ни го доверува, честопати го доживуваме како товар и крст што мора да го носиме и правејќи го тоа понекогаш се чувствуваме ранливи и немоќни. Така и нашиот Господ Исус Христос, ранлив и немоќен, го носеше Својот Крст на патот кон Голготата, каде што беше распнат на местото наречено Голгота, но Тој целосно се предаде на Крстот, на кој „ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понижуван од Бога. А Тој беше изранет со многу рани од нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Исаија 53,4-5). Со Неговото воскресение, Тој извојува победа над гревот и смртта; Тој им даде на сите луѓе слобода и моќ да станат Божји деца. Следејќи го примерот на нашиот Учител и Господ, ние христијаните примивме власт да бидеме знак за светот во негово име и повикани сме да им понудиме помирување на сите луѓе, насочувајќи ја нашата молитва на благодарност кон Бога во името на сите луѓе. Тука можеме да бидеме светлина за луѓето на нивниот пат кон Бога.

Драги браќа и сестри, Велигден е дар од Бога. Тој е и повик до сите кои веруваат да им помогнат на луѓето во време на криза, да бидат надежни, да внесат светлина во темнината на светот против стравовите и грижите за утрешнината и вера во иднина во која љубовта, и покрај конфликтите, ќе покаже сила дека е посилна од омразата и дека злото не може и не смее да го има последниот збор. Затоа, Велигден е причина за нашата надеж, и покрај сите конфликти и војни. Треба полека да созрееме во оваа вера.

Исусовите ученици, исто така, полека созревале во верата и учеле за да почнат да го разбираат овој голем Божји дар за човечкиот род, кога Бог го дал Својот воплотен Син за сите нас да нè спаси и искупи. По воскресението на Исус, во умовите на Исусовите ученици се појавиле многу прашања, истите прашања што се појавуваат и за нас во ова време. Марија Магдалена дошла на гробот наутро на Велигден од љубов кон својот Учител, за да ја излее својата тага врз гробот. Кога пристигнала, стоела збунета од глетката пред неа. Во нејзината глава се појавиле многу прашања. Потоа, Исус, кого таа на почетокот не го препознала, ѝ се доближил и ја прашал: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ А таа ја формулира својата збунетост и тага со зборовите: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, а јас ќе Го земам“ (Иван 20,15). Апостол Тома, кога слушнал за случувањата поврзани со воскресението, прво се осмелил да изрази сериозни сомнежи за на крај да ја исповеди својата вера: „Господ мој и Бог мој“ (Иван 20,28). Двајцата ученици на патот кон Емаус првично не ги разбираа настаните околу тоа што му се случувало на „Исус од Назарет“, но на крајот, откако го сретнале, можеле да заклучат: „Зар не гореа во нас срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото“ (Лука 24,32). Петар не се осмелил да го праша воскреснатиот Господ ништо кога го сретнал (спор. Иван 21,12), и тој навистина не напредувал во верата сè додека самиот Господ не го прашал три пати, речиси засрамувачки: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ (Иван 21,17). Потоа, верата одеднаш почнува да гори во него. Прашањата ги продлабочуваат нашите односи, ни даваат мудрост и ја насочуваат нашата вера кон нејзините длабочини, вера што навистина може да нè преобрази.

Нека воскреснатиот Господ навистина нè води и обликува според Неговата волја за да можеме да бидеме вистински сведоци на Оној кој умре и воскресна за нас!

На сите вас ви посакувам Честит празник Воскресение Христово – Велигден – Христос воскресе!, рече во Велигденската проповед скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.

Би можело да ве интересира

Денеска е Лазарова сабота, утре Цветници – празници предвесници на Велигден

Почнува Велигденскиот пост

Гаши: Велигден не потсетува дека меѓусебното почитување, солидарноста и добрината се суштински за напредокот на секое општество

Филипче: Велигден дава сила и надеж за справување со предизвиците, за нови и подобри почетоци

Мицкоски: Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Предраг Петровиќ