Реваншизам или изживување: Боки 13 со нарушено здравје, преместен да спие со бубашваби во „Идризово“

Од:

Бојан Јовановски-Боки 13 за кого е констатирано дека има нарушено здравје, преместен е во скоро најлошите услови во затворот „Идризово“. Од полуотвореното одделение каде беше сместен по пресудата, сега, по издржување на скоро половина од казната – тој е преместен во затворениот дел на затворот, односно старата зграда. Директорот Шпенд Тахири одлуката за преместување ја донел само четири дена откако беше поставен на функцијата, но ниту на Јовановски-Боки 13, ниту на адвокатскиот тим не им ги кажал причините.

Директорот Тахири и покрај испратените прашања, не одговори за причините поради кои го преместил Јовановски-Боки13.

Условите се нехумани, под сите стандарди пропишани со домашното и меѓународното законодавство, констатира и Народниот правобранител по посетата на Јовановски. Дециден е дека тој не смее да биде сместен таму поради неговата здравствена состојба.

„Утврдено е дека тој престојува во просторија со уште четири лица и истата не ги исполнува стандардите предвидени како со домашното законодавство така и со меѓународните правила. Условите за одржување на хигиена во оваа просторија се далеку полоши од оние кои Јовановски ги имал кога престојувал во полуотвореното одделение. Народниот правобранител смета дека треба да се разгледа можноста тој да биде сместен во просторија  која има подобри хигиенски услови, од онаа во која сега престојува“, вели Народниот правобранител за „А1он“.

Во последниот извештај на Народниот правобранител овие простории се опишани како деградирачки, затворениците спијат на под, меѓу бубашваби. Собите се со влага, а ѕидовите се распаѓаат.

Ова место во „Идризово“ осудениците го нарекуваат „зграда на тортурата“, а се сместуваат лица осудени и на доживотен затвор, за тешки кривични дела.

Шпекулациите за преместување на Јовановски-Боки 13 во овој дел на затворот почнаа откако тој се согласи да даде интервју за „А1он“. Адвокатскиот тим на Јовановски се сомневаше дека преместувањето би било реваншизам со кој ќе се овозможи молк и дупла казна. Управата за извршување на санкции тогаш одбиваше да даде одобрение.

Директорот на Управата, Марјан Спасовски не одговара на прашањата од „А1он“ како дошло до одлуката Јовановски-Боки 13 да биде сместен во далеку полоши услови од претходно. Оттаму, исто како и од затворот нема официјално објаснување зошто дошло до преместувањето.

Јовановски е правосилно осуден за случајот „Рекет“ на деветгодишна казна. Втората казна за која е осуден на девет години е за случајот „Меѓународен сојуз“. Оваа одлука е првостепена и не е правосилна.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески

Боки 13 уште е во болница, Апелација ја одложи јавната седница за „Меѓународен сојуз“

Катерина Ѓуровски