Тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња

Од:

Во Македонија, како и во светот, постои тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња, како и поместување на старосната граница. Во државава се повеќе има бебиња родени во периодот од 24 до 28 гестациска недела.

Порастот на бројот на предвремено родени деца е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што се поголем е бројот на прворотки на возраст над 35 години, како и на примената на ин витро оплодувањето, кое често резултира со близначка бременост, која е многу ризична и голем дел од овие бебиња се прематурни.

Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова на прес-конференција на тема „Предвреме родените деца – ден потоа“ организирана по повод Светскиот ден на прематуритетот. Посочи дека најмалото новороденче на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести е комплетно истретирано, излекувано и е со уреден психомоторен развој, што значи здраво дете на возраст од 25 гестациска недела, со родилна тежина од 650 грама, а должина од 32 сантиметри. Во моментов имаат 15 до 16 предвремено родени бебиња.

– Ако во 2013 година просечно на месечно ниво на Одделот биле згрижени 3 до 4 предвремено родени бебиња, годинава нивниот број е зголемен за 50 отсто и сега во просек има 6 до 7 предвремено родени бебиња месечно. Од овој број, 45 отсто се родени од 32 до 37 гестациска недела, 25 отсто од 28 до 32 недела, 20 отсто од 26 до 28 гестациска недела, 8 отсто од 24 до 26 недела и само 2 отсто се од 23 до 24 гестациска недела. Со предизвикот да се одржи во живот едно вакво прематурно бебе секојдневно се соочуваат вработените во Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката, рече Софијанова.

Групата на предвремено родени деца, нагласи таа, се највулнерабилната група на пациенти на одделите за интензивна нега и терапија, пред кои се наидува на најголеми предизвици не само во насока на спасување на нивниот живот, туку и овозможување квалитетен и нормален живот.

– Во последнава година и пол, со воведувањето нови методи, особено на неинвазивната (нежна) вентилација Bubble cpap, одделот може да се пофали со поголемо преживување особено во групите 26-28 гестациска недела. Оваа метода е замена за механичката вентилација во ситуации кога состојбата на бебето тоа го дозволува. Со овој неинвазивен пристап се намалуваат инфекциите, како и одредени состојби предизвикани од интубирањето и механичката вентилација. Иако Bubble C pap методот во светските неонатолошки центри се употребува години наназад, во Македонија ние сме единствена институција која го користи и резултатите се видливи дури и за овој краток период, истакна Софијанова.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски