„Станува збор за подготовка на премиерот за во опозиција“, ова е ставот за А1он на професорката Фросина Ременски, по информацијата дека утре законодавниот дом по скратена потапка ќе му даде 6 телохранители и возач на премиерот, по завршување на неговиот мандат.
Тоа е едно, вели Ременски. Второ, во самото барање за обезбедување, според неа, има неколку аспекти.
„Прво, по завршувањето на мандатот на премиерот, не би требало да му следи обезбедување бидејќи нема таква пракса во ниту една земја во Европа. Второ, тој може да има обезбедување но, сопствено и финансирано од сопствени средства. Трето, кое ќе биде образложението на предлагачите на измените на законот, зошто досегашниве премиери немале обезбедување по завршување на нивните мандати. Што се сменило до сега?
– Дали разликата е во личностите на досегашниве премиери или пак, настанала „промена во функцијата премиер“? Дали ова не значи дека сите министри во Владата ќе можат да побараат обезбедување по истекот на нивните мандати, од за нив, оправдани причини?
– Главниот аргумент за одбрана на овие барања ќе биде укажувањето дека, поранешниот претседател на државата има обезбедување „кога може поранешниот претседател, зошто да не може поранешниот премиер“. Но, овој аргумент не е доволен, бидејќи не може да се поткрепи со примери од земји со парламентарна демократија.
– Освен тоа, во иднина овие измени можат да повлечат и други слични барања, на пример, поранешен министер за внатрешни работи да има обезбедување по истекот на мандатот, поранешниот јавен обвинител да има обезбедување по истекот на мандатот итн. Според мене, доколку политичарите без разлика на нивната функација постапувале согласно законите и Уставот, доколку се сигурни во своето законско постапување и доколку работеле во интерес на народот и за народот, тогаш обезбедување од државата по истекот на нивните мандати воопшто не им е потребно.
– Доколку инситуциите задолжени за заштита на физичкиот интегритет на граѓаните, државните функционери и институциите работат професионално и законски и доколку работата ја извршуваат професионалци кои не прават разлика помеѓу објектите на заштита, тогаш ниту еден политичар не треба да стравува за својот физички интегритет по престанок на мандатот“, вели за А1он, Фросина Ременски.