Пратеничката Фросина Ременски денеска побара повлекување на медиумските написи за записникот за „Рекет“, а во спротивно најави дека ќе се приклучи кон тужбата што денеска ја најавија и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Ременски во статус на „Фејсбук“ наведе дека ничие право не смее да загрози право на друг, а тоа се границите на сите слободи и права на граѓаните.
„Медиумите како придобива на демократијата имаат и право и обврска да известуваат за сите прашања од јавен интерес и за случаи на криминал и корупција, почитувајќи ги начелата на новинарската етика кои вклучуваат објективно известување, проверка на веродостојноста на информациите и забрана за злоупотреба на средствата за јавно информирање за лажно обвинување за корупција“, пишува Ременски.
„Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита.
Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други.
Еден од важните начела на правната држава е трагањето по вистината и одбрана на вистината, преку демократски правни средства по институционален пат“, вели Ременски во статусот на социјалната мрежа.