Претседателот на Советот на Општина Гевгелија за денеска попладне ја закажа четвртата по ред редовна седница на општинскиот совет на која според предложениот дневен ред треба да се расправа по 37 точки од кои 13 се предлог-одлуки за донесување детални урбанистички планови за одредени блокови од градот, но и за населените места Миравци, Предјци, Смоквица, Негорци, Давидово.
Дел од планските документи носат само измени за намените на земјиштето, но се предлагаат и промени во годишната програма за располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија, како и дополнување на програмата за уредување на градежното земјиште во општина Гевгелија за 2013 година.
По нетранспарентната промена на условите за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на РМ, скратеното време за електронска лицитација од еден час на само 15 минути, скратен износот за „чекорно наддавање“ од 50 на само 10 денари, јавноста, а и опозициските советници од СДСМ не ги кријат сомнежите – зошто таква брзаница да се работи седница со рекорден број точки?!
Дали е ова ново неочекувано работно темпо за ова лето, или забрзана работа на високите темпаратури на претставниците на локалната самоуправа во гевгелискиот Совет со цел побрзо давање согласност без дискусија на поставените точки на дневен ред на четвртата закажана редовна седница во екот на горештините од 37 Целзиусови степени.
Ваков е впечатокот на дел од гевгелиската јавност со оглед на тоа што, реално гледано, 19-те советници, кога би дискутирале само по една минута за предложените точки од дневниот ред, седницата би траела најмалку 12 часа, а со тоа би бил соборен уште еден – временски рекорд.
Дали топлото време и преморот ќе го натера мнозинството советници да кренат рака во знак на одобрување на предложените документи и измени, меѓу кои се наоѓаат и предлог-одлука за измени и дополнување на буџетот на општината за годинава, предлог-одлука за надоместок на трошоците за избори на организаторите на изборната кампања за Локалните избори 2013 година, предлог-решенија за формирање неколку комисии и други финансиско-програмски документи на јавните установи и на училишта што се под надлежност на локалната самоуправа.
Сите овие документи заслужуваат расправа, а јавноста треба да биде запознаена со процедурата на нивното донесување, како и за исходот од гласањето на претставниците на локалната власт.
А.Д.