Речиси секој ден годинава исчезнува по еден човек

Од:

Пронајденото мртво тело на 35-годишниот Горан Атанасовски од Скопје, кој вчера беше пријавен за исчезнат ја вознемири јавноста. Коментарите во јавноста се дека состојбата е алармантна и се упатуваат повици до Министерството за внатрешни работи да преземе конретни чекори за да ги открие причините како и зошто се почесто исчезнуваат луѓе.

За еден месец од почетокот на 2019 година до почетокот на февруари во Министерството за внатрешни работи 24 лица биле пријавени за исчезнати, од кои пронајдени се 20, а по четири лица сè уште се трага. На социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии од исчезнати лица, а семејствата бараат помош од сограѓаните за да се пронајдат нивните блиски.

Според податоците што „А1он“ ги доби од МВР, во 2017 година за исчезнати биле пријавени 217 лица, а бројот се зголемил во 2018 година, кога полицијата трагала по 246 лица. МВР не даде информации колку лица биле пронајдени живи, а колку мртви, но и за тоа, која била причината за нивното исчезнување.

Покрај Атананасовски, кого полицијата го пронајде мртов во провалија во Нерези, вчера, за исчезната беше пријавена и 62-годишна жена од Ѓорче Петров. Претходно, со денови се трагаше по 39-годишната медицинска сестра Даниела Пецевска, мајка на три деца, која пред четири дена беше пронајдена мртва во водите на Вардар.

Помош и информации од јавноста и МВР веќе 73 дена, или два и пол месеца, колку што се трага по нејзиниот син, бара Маја Трпковска, мајка на исчезнатиот 26-годишен Пинета Секондо. Трпковска за „А1он“ вели дека е разочарана од МВР оти досега нема никакви информации за истрагата, а инспекторите ѝ развикале на телефон.

Таа вели: „Јас ним им давам информации, а не тие мене“.

„Потресена сум. Додека го барам моето дете, јас ги барам и другите исчезнати. Последно се слушнав со ќерката на Алибен Абдул, кој е исчезнат. Секое крпче што ќе го најдам, јас гледам дали може да биде од моето дете или од другите луѓе. Премногу револтирана и разочарана од МВР и Секоторот за исчезнати лица. Јас како мајка сакам да се јавам и да ми дадат информација, а тие ми го блокираа телефонот за да не ги барам. Инспекторите ми викаат на телефон. Дете бараме, не бараме маче. Јас ним им давам информации, тие мене не. Затоа сум револтирана. По 73 дена, јас одам по гатачи, луѓе со божја сила, за да ми кажат еден збор. МВР не ми одговора. Не знам веќе кого да барам“, вели мајката на Пинета, Маја Трпковска.

Исчезнат веќе 21 дена е и Алибен Абдул, кој последен пат е виден на почетокот на овој месец, а ќерка му очајно моли за каква било информација за да го пронајде татка си. Таа вели дека во периодот од кога исчезнал татко ѝ, контакт со инспекторите имала само двапати.

„Контактот со МВР е сведен тие да ни се јават кога ќе имаат трага, знак, клучен момент. Досега ни се јавиле само два пати во овие 21 ден. Од наша страна се правени известувања доколку имаме дојави, да ги известуваме. Во меѓувреме немаме секојдневен контакт. Не знам колку од работата ја имаат покриено, какви докази и информации собрале бидејќи, кога ќе ги прашаме, велат дека поделена им е работата со колегите и не даваат информација. Не знам што провериле, што направиле. Не знам каква заднина има во случајот со татко ми бидејќи тој од дома е излезен без лична карта, телефон, документи“, вели Мелиса Абдул, ќерка на исчезнатиот Алибен Абдул.

Според податоците што „А1он“ ги доби од МВР, во 2015 година биле исчезнати 297 лица, од кои 284 се пронајдени. Во 2016 година пријавени се 230 лица, од кои пронајдени се 210, а активни потерници има за 20 лица. Една година потоа, бројот на исчезнати се намалил на 217 лица, а МВР успеало да пронајде 183 од нив, а се бараат 34 лица. Во 2018 година се зголемил бројот на 246 исчезнати лица, полицијата пронашла 204, а активни потерници има за 42 лица.

За идниот понеделник пред Собранието ќе се организира мирен протест со слоган „Што се случува во Македонија“ од страна на мајката на исчезнатиот Пинета Секондо и неговите другари. Преку протестот ќе се побара ажурност од институциите и одговори за исчезнатите лица.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Кривична пријава за злоупотреба на службена положба за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта

Кривична за екс директорот на затворот во Струмица: Пуштал да се шетаат затвореници кои немале право на привилегии, манипулирал со документацијата

МВР бара помош од граѓаните: Кој има информација за Марк Јорис веднаш да не алармира

Претрес во Штип, пронајдена дрога

Предраг Петровиќ

МВР уапси двајца крадци кои краделе домашни животни

Пуштиле осуденик на слобода зошто немало место во затвор, кривична за тројца битолски полицајци

Катерина Ѓуровски