Министерството за образование и наука најостро ја осудува и демантира изјавата на претседателот на СОНК, Јаким Неделков кој во вчерашното интервју за еден интернет портал, вели дека некои од тестаторите што ги чуваат учениците од завршните години во средното образование при процесот на екстерното тестирање, ги мотивирале да препишуваат и телефонски да бараат помош, за да им наштетат на наставниците кои штрајкуваат со СОНК.
Се работи за изјава дадена со единствена тенденција и цел за креирање на јавен впечаток дека во целата актуелна ситуација, која за волја на вистината е иницирана и креирана од страна на раководството на СОНК, жртви се синдикалните членови кои ја поддржуваат одлуката за штрајк и кои се дел од процесот на екстерното тестирање.
Би сакале да потсетиме дека процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците е задолжителен и се реализира согласно одредбите од Законот за основното и Законот за средното образование. Правната регулација се однесува и на учениците и на просветните работниците, со оглед на тоа што резултатите од процесот имаат реперкусии и врз двете страни, а секако одговорност, во делот на имплементацијата е предвидена и за самите тестатори и набљудувачи. Досега, при инспекциските надзори на просветните инспектори не е детектиран ниту еден случај на нерегуларно спроведување на процесот во било кое училиште, ниту пак, таков случај е пријавен во отворените кол центри.
Се чини дека во последно време јавните настапи на Неделков се базираат исклучиво на претпоставки и шпекулации, бидејќи доколку не беше така, секое основано сомнение поткрепено со факти и докази, со сигурност досега ќе беше доставено до надлежните институции за понатамошно постапување, во конкретно наведениот случај до Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар.
Министерството за образование и наука апелира до СОНК да престане со злоупотреба на учениците и оцрнување на оние просветни работници кои се против волјата на потесното раководство за бојкот на училишта, како и со манипулирањето на јавноста преку континуирано изнесување на неаргументирани ставови.