Филмската критичарка и новинарка Евгенија Теодосиевска е разрешена од директорската позиција на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, дознава „А1он“.
Информацијата ја потврдува и режисерот Игор Иванов – Изи, кој е претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија. Тој за „А1он“ вели дека образложенијата за разрешувањето ќе бидат соопштени откако седницата ќе биде целосно завршена.
„Таа информација за разрешувањето е точна. Седницата се прекина, а дневниот ред не е исцрпен до крај. Ќе закажеме седница за следните денови. Со поголемо мнозинство не го усвоивме и извештајот за работата на ‘Браќа Манаки’. Седницата е прекината, не е исцрпен дневниот ред до крај. Следните денови ќе ја закажеме седницата“, рече Иванов-Изи за „А1он“.
Теодосиевска три години беше директорка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Таа е долгогодишен истакнат филмски критичар и новинар во МРТВ. Со фестивалот „Браќа Манаки“ соработува од 2008 година како селектор на програмата за документарен филм, а беше и негов уметнички директор.