Распродажбата на државно земјиште во Гевгелија по системот: купи евтино – продај скапо

Од:

Брзата и евтина распродажба на државното градежно земјиште во Гевгелија продолжува. На електронската аукција спроведена вчера се остварија очекувањата дека учесниците на лицитацијата ќе глумат наддавање и ќе достават само по една можна понуда колку да тргне т.н. лицитација, со покачување од само 10 денари над првично определената цена за продажба на метар квадратен градежен неизграден државен простор од само едно евро.

Плацот со површина  од 12.467 метри квадратни во локалитетот „Горни ’кр“ во близина на Негорци  е отуѓен за цена од 71 денар/м2 или евро и 15 центи.

Новиот сопственик треба да земе одобрение за градба во рок од 12 месеци, а рокот за изградба на објектот со времетраење од 72 месеци тече од денот на прибавувањето на одобрението.

Ова е вториот отуѓен плац за оваа година во општината по одлагањето на отуѓувањето на државната сопственост по препорака на Антикорупциска комисија пред почетокот на локалните избори.

Во наредниот период работите се одвиваат со засилено темпо. Деновиве Општина Гевгелија огласи на продажба уште 10 градежни парцели од 444 до 992 метри квадратни, со почетна цена од 61 денар. Исто така, на продажба е понудена и една градежна парцела од 683 метри квадратни наменета за станбена зграда во централното градско подрачје со почетна цена од 2.570 денари од метар квадратен, како и две градежни парцели во стопанската зона „Блокотехна“ кај Негорци, наменети за производно-дистрибутивни погони и сервиси со почетна цена од 61 денар од метар квадратен.

По јавната реакција за скратеното време за лицитација од еден час на само 15 минути, јавното наддавање за новопонудените 13 парцели општината го продолжи на 30 минути. Сепак, пред јавноста останува дилемата – на толку градежни отуѓени атрактивни парцели зошто нема никаква градежна или инвестициска активност во општината.

На последната седница беше поставено советничко прашање зошто новите сопственици на земјиштето не започнуваат со градежна активност, особено најавените големи инвеститори со продажбата на плацот кај месноста викана „Град“ во областа на поранешна „Касарна“ и локалитетот во близина на граничниот премин Богородица – „Милци“. Градоначалникот на Општина Гевгелија одговори дека состојбата се следи и дека сèуште не изминале роковите и условите за да се отвори постапка за одземањето на земјиштето доколку не се започне со градежна активност на терен.

Касарна се продаде на 27 декември 2011 година. Најповолниот понудувач беше должен во рок од 15 дена да ја уплати целата сума од 343.212 денари за плац од 3.092 метри квадратни. Според условите од договорот за продажба, за девет месеци требаше да биде набавено одобрение за градба, па според договорната динамиката рокот за почеток на градбата од 72 месеци би требало да стартува од 15 октомври 2012 година. Досега на терен нема ништо.

Според новите услови за продажба, предвидени се договорни казни за непочнувањето со изградба и тоа 1,5 % од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истекот на рокот, односно 3% за секој изминат месец во втората година од истекот на рокот, односно 4,5% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец во третата и во секоја наредна година од истекот на рокот.

Според нашите анализи, сопственикот на плацот кај Касарната, со постигната цена од 111 денари за метар квадратен, првата година ќе треба да плати едвај 61.778 денари како договорна казна.  За целиот градежен период од шест години, ако реши да глуми инвеститор ќе треба да плати вкупен износ од 926.671 денари. заедно со откупниот износ за плацот, целата купопродажна зделка ќе го чини едвај 410 денари по метар градежен државен простор. Тоа е далеку од најавената продажна цена за м/2 во центарот на Гевгелија од 2.570 денари, а Касарна е одалечена од центарот 500 метри.

Дали ова е трпеливата вносна математика на „лажните“ градежни инвеститори во Гевгелија, по системот купи евтино – продавај скапо, ќе покаже времето.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Србин со нож ранил маж во кафеана во угостителскиот објект на бензинската пумпа во Јосифово

Горан Наумовски

ВИДЕО: Град со големина на орев го погоди Гевгелиско

Градоначалникот на Гевгелија префрлил 36.000 евра на ракометен клуб основан од татко му, обвинија од СДСМ

Орце Костов

Едно лице загина во сообраќајката на патот Гевгелија-Богданци: Се судриле четири автомобили

А1он

Сообраќајка на патот Богданци-Гевгелија: Сообраќајот во прекин, интервенираат пожарникари и полиција

А1он

Гевгеличанец си садел марихуана во двор – доби кривична и притвор

А1он